Манчестер јунајтед синоќа загуби со 1-0 на гостувањето кај Евертон, фрустрациите беа големи, па на патот кон соблекувалната, Кристијано Роналдо лупна од земја телефон на навивач на „карамелите“.
Португалецот подоцна се извини за својот испад и го покани навивачот да му биде гостин и да гледа натпревар на „Олд Трафорд“.
Медиумите сега пренесуваат дека се работи за 14 годишно дете со аутизам, неговата мајка раскажа што се случило.
„По крајот на натпреварот, фудбалерите на Манчестер јунајтед почнаа да одат кон соблекувалната. Бевме на трибината „Парк енд“ па седевме точно покрај тунелот каде тие поминаа и мојот син ги снимаше сите“ – вели Сара Кели.
„Тој ги снимаше сите фудбалери и потоа го спушти телефонот бидејќи Роналдо ги извади штуцните, неговата нога крвареше. Го спушти телефонот за да види за што се работи, не изусти ниту еден збор“.
„Роналдо помина, имаше катастрофален темперамент, го удри телефонот од раката на мојот син и продолжи да си оди“.
Сара на весникот Ливерпул Ехо го покажала скршениот телефон, како и модрицата на раката која ја заработило детето.
„Од модрицата можете да видите дека имало контакт. Не ми се верува. Јас почнав да плачам. Бев во шок, мојот син беше во комплетен шок. Тој е дете со аутизам и диспраксија, па разбра што му се случи дури откако дојдовме дома“.
„Навистина е вознемирен, ова беше негов прв фудбалски натпревар… не знам дали ќе сака повторно да оди на стадион. Имавме брилијатен ден се до тие неколку секунди. Ни се уништи денот и останавме со горчина во устата“.






