Македонија утре на „Ренцо Барбера“ ќе излезе на мегдан со актуелниот европски првак во историскиот бараж за мундијалот во Катар.
Италија е огромен фаворит но Стефан Ристовски вели дека „црвено-жолтите“ нема да се предадат, и со пожртвувана игра ќе се обидат да ја израдуваат цела Македонија.
„Нема што да згубиме, но ве уверувам дека не дојдовме од почеток да се предадеме. Ќе го дадаме најдоброто од себе за да ја израдуваме цела Македонија. Имаме два меча пред себе, но прво мислиме само на Италија. Знаеме која е Италија, европски шампион, тим со фантастични фудбалери. Од моето искуство во Италија научив многу и знам со кое оружје можеме да го ставиме на мака противникот“ – вели Стефан Ристовски кој има речиси 100 настапи во Калчото во дресот на Парма, Бари, Фросиноне, Кротоне и Латина.
„Ние сме едно големо семејство, си помагаме еден на друг и знаеме дека за да победиме на вакви натпревари потребна е обединетост и тимски дух, мора сите да се жртвуваат“.
„Еднаш го запрев Кристијано Роналдо, па знам како да ја запрам и Италија“.






