Првичниот план на Горан Пандев беше да се пензиониора по крајот на Европското првенство, но поради одличната сезона во Џенова, клубот сакаше тој да продолжи уште една сезона.
Пандев прифати, но работите за него не одеа како што се предвидуваше па во јануари направи трансфер во Парма со цел да игра повеќе.
„Кога ќе помислам на Џенова навистина ме боли, четири дена не можев да заспијам откако направив трансфер во Парма“, открива Пандев во интервју за италијанските медиуми.
„Во Џенова направија да почувствувам дека не сум им потребен веќе, ја сфатив пораката и донесов одлука која ќе направи повторно да се чувствувам жив. Видов таму дека луѓето се среќни што заминувам. Кога им кажав за понудата од Парма, никој од челниците не ми рече остани, помогни им на момците. Ми рекоа, ако си решил да си одиш, оди си. Видов дека сакаа да се ослободат од мене. Последните месеци чувствував дека сум товар во клубот. Исто се однесуваа и со другите постари играчи“.
„Овојпат навистина е готово, ќе се пензионирам по крајот на оваа сезона. Можеби згрешив што не се пензионирав по крајот на Европското првенство, но сакав кариерата да ја завршам пред навивачите на Џенова. Сега е најважно Џенова да се спаси од испаѓање. Тогаш ќе бидам среќен да се вратам на стадионот и да ги поздравам навивачите“.






