„Старата дама“ се реши за огромна инвестиција во јануари. Со одлука за докапитализација од 400 милиони евра, околу 80 милиони евра беа наменети за настап на трансфер пазарот во идниот период, но Јувентус оваа сума ќе ја потроши веднаш.
До крајот на месецот, Душан Влаховиќ ќе стане ново засилување за Макс Алегри во зделка вредна 75 милиони евра (65/67 милиони плус бонуси од 10/8 милиолни евра).
Денеска во Торино треба да пристигне Дарко Ристиќ, агентот на Душан Влаховиќ, и да бидат испеглани сите детали. Начелно е постигната согласност за плата од 7 милиони евра по сезона и соработка на четири ипол години.
Сега ќе треба да се дефинира и провизијата за агентот, кој сака убаво да наплати што умешно ги одбиваше понудите на другите клубови и го донесе напаѓачот во Јувентус. Одредени медиуми шпекулираат со сумата од 10 милиони евра, додека пак некој пишуваат и за бројка од 15 милиони евра.
Доколку се оди според планот (утре добие негативен тест) Душан Влаховиќ треба да пристигне во Торино во сабота на лекарски прегледи и потпис.
Неговото деби се очекува на дуелот против Верона на 6. февруари, а што се однесува до бројот на дресот, има три опции. Една опција е да ја добие „7-цата“ која претходно ја носеше Кристијано Роналдо, втора е „9-ката“, која е во сопственост на Алваро Мората но би можела да стане слободна, а како трета е дресот со бројот 28, датумот кога е роден.






