Пред пет години (на 11. април 2017), на неколку часа пред почетокот на мечот помеѓу Борусија Дортмунд и Монако во четвртфиналето од Лигата на шампиони, со експлозивна направа беше извршен напад врз автобусот на „милионерите“.
Марк Бартра беше еден од фудбалерите кој настрада, дефанзивецот на Бетис сега реши да сподели детали од тој ден.
„Денеска е пет годишнина од најтешките денови во мојот живот и сакам да сподел мал дел од книгата која почнав да ја пишувам со мојот учител и пријател Даниел Хауреги“ – гласеше постот на Бартра на социјалните мрежи.
„Психолошки тренинг беше неопходен за да се опоравам од нешто незамислива: нападот врз автобусот на Борусија Дортмунд. Без сомнеж, тоа беше најтешкиот период од мојот живот. Не говорам само за конкретниот момент кога автобусот на Борусија Дортмунд беше нападнат со експлозивна направа, туку и за животот во месеците кои следеа“.
„Не треба да нагласувам дека сите мои соиграчи и тренерскиот персонал беа во шок, на некои им беа потребни месеци за да се опорават од шокот. Јас веројатно бев најпогодениот на психички план. Во првите месеци, имав кошмари речиси секоја вечер. Шрапнел од експлозијата ме погоди директно во зглобот на раката, ги уништи коските, не сакам ни да помислам што ќе се случеше доколку ме погодеше неколку сантиметри погоре, во вратот или главата“.
„Бев во шок, не знаев што се случува, болката беше неиздржлива, ме болеше цела рака, како да гореше од внатре. Шокот беше толку јак што ми го парализираше цело тело. Гласното зуење во ушите ме спречи да ги слушам вресоците на соиграчите. Имаше силен мирис на барут, многу чад па само ги гледав испаничените лица на соиграчите кои беа на метро од мене“.
„Пред да се онесвестам, паметам дека тимскиот доктор дојде да ме преврзе за да го сопре крварењето. Потоа почна да ме фаќа паника, мислев дека ќе има нова експлозија која ќе не докрајчи. Никогаш нема да ја заборавам неизвесноата и тоа што мислев дека ако затворам очи, можеби нема никогаш повеќе да се разбудам. Мислев на мојата ќерка и сопруга. Никогаш во животот не сум се чувствувал толку ранлив. Мислев дека ќе умрам“.






