Ајакс го тресе голем скандал, спортскиот директор Марк Овермарс го напушти клубот поради тоа што испраќал непристојни пораки на колешките.
Весникот НРЦ сега вели дека случувањата во клубот од Амстредам се многу посериозни и можат да му нанесат голема штета. Единаесет жени, кои сакаат да останат анонимни, на весникот му објаснилe што точно се случувало и споделиле дел од пораките.
Тие велат дека многумина знаеле за непристојното однесување на Марк Овермарс, кого го нарекувале „напален чичко“.
Тие ја опишуваат атмосферата во Ајакс како „пенис култура“, со стереотипни шеги за жените, како и чести критики за нивниот изглед. Мажите тајно ги фотографирале своите колешки, а потоа си коментирале во група.
„Како жена во Ајакс, морате да имате дебела кожа. Доколку немате, на работа ќе ви биде прилично стресно“ – вели една од жените кои прифатиле да разговараат со НРЦ.
Тие се плашеле да го пријават ваквото однесување, бидејќи „Постои огромен однос на моќ. Ако не прифатите, брзо исчезнувате“.
„Сексизмот е во клупската култура“ – вели друга жена.
Тие исто така ги потврдиле синоќешните написи дека Марк Овермарс на колешките им испраќал слики од својот пенис, една од жените дури открива дека дел од сликите биле правени во тоалетите во канцелариите на Ајакс.
Дел од жените биле збунети од неговото однесување, не знаеле како да одговорат на комплиментите кои им ги делел или поканите да излезат на пијалок. Други жени пак се чувствуале обврзани да му одговорат на неговите пораки. Марк Овермарс сакал да знае каде се, што прават, со кого се и што носат.






