Њукасл во јануари тропна на вратата на многу играчи, еден од нив беше левиот бек на Аталанта Робин Госенс. Германецот сепак одби да се пресели на „Сент Џејмс Парк“, и во последните денови од преодниот рок направи трансфер во Интер.
Во разговор со Кикер, Робин Госенс признава дека малку се подзамислил кога видел каква плата му нуди Њукасл, но тој приоритет му дал на спортскиот аспект и го одбил предлогот на клубот од Премиерлигата.
„Размислував за трансфер во Њукасл, мислам дека тоа е сосема нормално. Да заработувате неколку пати повеќе за истата работа, само на друго место… Не верувам дека има човек кој веднаш ќе каже, „Не, благодарам“. Со парите кои ми ги нудеа, ќе обезбедев неколку генерации од моето семејство. Но пред да одлучам, секогаш правам список со позитивни и негативни работи. Позитивно беше тоа што ќе играм во Премиерлигата и ќе заработувам многу пари, но имаше и многу негативни работи. Не сакав да ги загрозам зацртаните спортски цели. Кога ќе ја завршам кариерата и ќе се погледнам во огледало, сакам да речам, „Го извадив максимумот од спортската кариера“. Со Њукасл, се се базираше на парите, а јас сум фудбалски романтичар на кого му нема спас“ – вели Робин Госенс, кој во последните денови од преодниот рок направи трансфер во Интер.






