По синоќешниот пораз на Јувентус во Суперкупот на Италија, пристигна „бомба“ од Аргентина, Пауло Дибала нема да го продолжи договорот. Напаѓачот е разочаран од потегот на „старата дама“ и тоа што во последен миг се менуваат условите.
Се говореше дека двете страни начелно се договориле за нова соработка до 2026 и плата од 2 милиони евра по сезона, плус додатни 2 милиони евра во бонуси. Но Јувентус потоа побарал да се намали фиксниот дел од платата и да се зголемат бонусите, а корекција требало да се направи и на должината на договорот.
На Пауло Дибала не му се допаднал ваквиот развој на настаните, па ќе почне да разгледува други понуди.
„Доколку не се случи нешто радикално, Пауло Дибала одлучи да не го продолжи договорот со Јувентус. Играчот е разочаран поради тоа што клубот ги промени условите за новата соработка. Тој е подготвен да разгледува други понуди“ – ова го пренесе новинарот на Тик Спортс, Сесар Луис Мерло.






