Кристијано Роналдо е во фокусот на британската јавност откако направи инцидент по крајот на натпреварот помеѓу Евертон и Манчестер јунајтед, и од земја лупна телефон на навивач на „карамелите“.
Подоцна беше објавено дека се работи за 14 годишно дете со аутизам, кои заработило и модринка на раката.
Кристијано Роналдо се извини за немилиот настан и го покани детето да биде гостин на Олд Трафорд, но поканата е одбиена.
„Манчестер јунајтед катастрофално реагираше, да бидам искрена, само ја направија полоша ситуацијата“ – вели мајката на детето.
„Што се однесува до поканата од Роналдо, како што јас гледам на работите, тоа е како некој да ве нападне на улица и потоа да ве покани на вечера. Зошто да го сториме тоа, само поради тоа што тој е Кристијано Роналдо? Испаѓа како да треба да му направиме услуга“.
„Ја одбивме понудата да одиме на Олд Трафорд бидејќи мојот син не сака да оди таму и не сака да го види Роналдо. Тоа се негови зборови, не се мои. На крајот од денот, сето ова е за него. Тој повеќе е потресен од мене, па затоа оставив тој да одлучи и тој не сака да оди на натпревар на Манчестер јунајтед, ниту пак сака да го види Роналдо“.






