Лео Меси утре ќе има нов дуел против Реал Мадрид, но ова ќе биде прв пат да игра во друг дрес, а не во оној на Барселона.
Новинарот Гиљем Балаге, кој ја пишуваше автобиографијата на Аргентинецот, сега открива приказна од минатото и како Лео Меси бил блиску до потпис со Реал Мадрид.
Случувањата се од 2001 година, кога Хавиер Перез Фаргељ бил именуван за нов генерален директор на Барселона, и еден од првите потези кои тои ги повлекол, била ревизија на договорите кои ги склучил неговиот претходник.
„Го погледнал договорот на Лео Меси кој бил стокмен неколку месеци претходно, и останал шокиран кога открил дека му биле гарантирани 100 милиони пезети (околу 600.000 евра) по сезона, огромна сума за 14 годишно момче“ – раскажува Балаге.
„Со оглед на тоа дека одлуката ја донел неговиот претходник, тој подготвил нов договор со значително помала сума“.
Хавиер Перез Фаргељ се правдал дека морал да го стори ова бидејќи имало клаузула според која клубот не можел да плаќа толку голема сума на име на плата на младинец.
Еден од лидерите на клубот дури рекол: „Кој се замислува дека е тој? Марадона?“
За овие случувања добро бил запознаен Хорхе Валдано, кој тогаш бил спортски директор на Реал Мадрид, па стапил во контакт со семејството на Лео Меси и ги известил дека „кралевите“ се подготвени да му дадат поголема плата.
Гиљем Балаге додава дека на состанокот помеѓу Лео Меси, неговото семејство и адвокатите, некој во собата рекол „Мислам дека ќе се пресели во Мадрид“.
Сепак еден ваков трансфер никогаш не се реализирал и Лео Меси го носеше дресот на Барселона се до минатата сезона.






