Како што соопшти ФФМ, постапката е поведена поради основано сомнение за измама и доведување во заблуда на членовите на Управниот одбор, а во врска со исплата од 700.000 евра кон фирмата-изведувач задолжена за изградба на трибината на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.
Според достапната документација, исплатата била реализирана самоиницијативно, спротивно на одлуката на Управниот одбор, надвор од утврдените надлежности и без обезбедена банкарска гаранција, што било во спротивност и со доставената понуда.
Од Управниот одбор оценуваат дека во конкретниот случај постојат елементи на тешки повреди на службените обврски и делување спротивно на интересите на ФФМ, со што, како што наведуваат, се предизвикани сериозни негативни последици врз угледот и финансиското работење на федерацијата.
На истата седница, Управниот одбор на ФФМ донесе и одлука за формирање ад-хок комисија која ќе спроведе целосна ревизија на едукативниот процес за носителите на тренерски лиценци издадени од Едукативниот центар на ФФМ.
Ревизијата ќе вклучи проверка на почитувањето на роковите, процедурите и критериумите за посетување и учество во едукативните модули, како и целокупната постапка за издавање тренерски лиценци.
Меѓу другото, ќе биде испитан и начинот на кој поранешниот селектор на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, ја стекнал својата ПРО лиценца, при што од ФФМ посочуваат дека токму Ангеловски сам побарал да биде извршена ваква ревизија.






