сабота, 3 мај 2025

Европа ќе добие нов шампион, „кралот“ падна пред Арсенал (ВИДЕО)

Арсенал по 16 години ќе игра полуфинале во Лигата на шампионите, „топчиите“ вечерва со 1-2 славеа на гостувањето кај Реал Мадрид и го елиминираа „кралот“ од најелитното европско натпреварување.

Објавено на

часот

Сподели

Реал Мадрид не успеа да приреди ново чудо во Лигата на шампиони, избраниците на Карло Анчелоти вечерва не можеа да му парираат на одличниот Арсенал.

„Топчиите“ покажаа дека победата од 3-0 во Лондон не била случајна, го освоија и „Бернабеу“ и за прв пат по 16 години се пласираа во полуфинале.

Првото полувреме донесе многу контроверзија, со помош на ВАР беше досуден пенал за Арсенал, кој Сака не го реализираше откако проба со „Паненка“ да го матира Куртоа, кој остана присебен и одбрани.

На спротивната страна судијата досуди и најстрога казна во корист на Реал Мадрид, но по 5 минути проверка со ВАР, пеналот беше поништен.

Резултатот беше отворен во 65. минута, Мерино одлично го проигра Сака, кој ја префрли топката преку Куртоа за 0-1.

Реал Мадрид одговори две минути подоцна, Винисиус му украде топка на Салиба на работ од шеснаесетникот и рутински ја затресе мрежата за 1-1.

„Кралевите“ потоа притиснаа по нов гол, но тешко доаѓаа до шанса, па во финишот од мечот, Мартинели истрча контра и погоди за 1-2.

Интер закажа пресметка против Барселона, избраниците на Инзаги вечерва го преживеаја налетот на Баерн Минхен и се пласираа во полуфинале во Лигата на шампиони.

Откако мрежите мируваа во првото полувреме, Кејн погоди за 0-1 на стартот од второто полувреме и ја анулираше предноста на Интер од првиот натпревар.

Но Интер за кратко време направи целосен пресврт, Мартинез најдобро се снајде по еден прекин и изедначи на 1-1 во 58. минута, а само три минути подоцна, Павар скокна највисоко по еден нов корнер и со глава ја затресе мрежата за 2-2.

Во 76. минута падна нов гол од прекин, Даер со глава од мртов агол успеа да го совлада Зомер за 2-2.

Баерн потоа силно притисна, Интер грчевито се бранеше во финишот а гостите пропуштија добри шанси преку Кејн, Милер и Коман за победа од 2-3, која ќе значеше продолженија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ