Во фокусот на првиот натпреварувачки ден беа финалните дисциплини во атлетика, каде што се случи историски момент: беше соборен светски рекорд во скок со стап за девојки до 17 години. Естонката Алика Инкери Мозер со прескокнати 4,52 метри постави нов светски рекорд, надминувајќи го претходниот од 4,51 метар. Сребрениот медал ѝ припадна на Моана Пејрард од Франција, која скокна 4,05 метри, а бронзата ја освои Анастасија Бумпулиди од Грција со скок од 3,95 метри.
Медалите на првата официјална церемонија на ЕМОФ Скопје 2025 ги врачи г. Спирос Капралос, претседател на Европските олимписки комитети, додека г. Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет, на секоја од медалистките ѝ подари маскота – симбол на фестивалот и вредностите што го обединуваат.
Првиот ден го одбележа и Турчинката Елиф Берфин, која со 421,2 остварени круга постави европскиот рекорд во стрелаштво, гаѓање со воздушен пиштол на 10 метри. Анастасија Живковиќ од Србија го освои второто место, додека третото место го обезбеди Миа Грош од Австрија.






