сабота, 21 јуни 2025

Емоции до небо, Ролан Гарос го поздрави својот крал – Рафаел Надал (ВИДЕО)

На Ролан Гарос денеска имаше ден посветен на Рафаел Надал, кралот на земјената подлога. Владетелот на овој грен-слем турнир со многу емоции се поздрави со публиката. Беа присутни и останатите тројца тенисери од големата четворка, Роџер Федерер, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рафаел Надал во својата тениска кариера дури 14 пати го освојуваше Ролан Гарос, ниту еден друг тенисер ни приближно не бил толку добар на овој голем турнир.

Шпанскиот тениски ас е апсолутен владетел на Ролан Гарос, па денеска со многу емоции се појави на теренот, каде што извојуваше многу победи и крена толку пехари.

„Ова е неверојатна приказна што започна уште во 2004 година, кога за првпат дојдов на Ролан Гарос. Едвај можев да одам поради повредата на стапалото. Но таа година се качив до врвот на трибините со патерици и гледајќи го теренот од горе, сонував дека ќе се вратам следната година за да се натпреварувам. Во 2005 година, конечно можев да се натпреварувам тука за првпат. Имав само 18 години. Моето прво големо искуство беше мечот против мојот другар од детството и ривал Ришар Гаске. Од тој ден целосно разбрав што значи Ролан Гарос“, го почна говорот Надал и продолжи:

„Во овие дваесет години доживеав сè. Имав неверојатни ривали како Енди, Роџер и Новак. И секако, уште многу други кои ме туркаа до физичките и менталните граници. Навистина, ништо не може да се спореди со возбудата што ја донесоа тие долготрајни ривалства кои нè тераа сите постојано да се подобруваме секој ден“.

„Ролан Гарос е уникатен, не само затоа што е фундаментален дел од историјата на тенисот, туку и поради сите луѓе кои неуморно работат, секогаш со насмевка, за да го направат овој турнир она што е – уникатен. Не можам да ги спомнам сите, но посебно сакам да им се заблагодарам на поранешните претседатели на Француската тениска федерација, и на луѓето кои можеби не ги знаете… но кои ме поддржуваа на секој можен начин зад сцената. Сите тие ми покажаа толкава добрина и наклонетост, што навистина немам зборови со кои би можел доволно да им се заблагодарам за сè што направија за мене“.

На теренот во чест на Надал се појавија и преостанатите тројца тениски големци, Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер и Енди Мареј. Шпанецот им се заблагодари.

„По сите овие години борба за сè, неверојатно е како времето ја менува перспективата за сè. Новак, ти сè уште не знаеш – или можеби веќе знаеш, Енди сигурно веќе знае. Со Роџер имаме зборувано за ова неколкупати. Сите тие нерви, притисок, чудни чувства што ги имаш кога ќе се сретнеме како ривали… сето тоа е сосема поинакво кога ќе ја завршиш кариерата“.

„На крајот, сега сè се сведува на тоа да бидеме среќни за сè што постигнавме. На крајот, сите ние ги остваривме своите соништа. Станавме тенисери. Игравме на најважните сцени во нашите кариери. Мислам дека изградивме неверојатни ривалства, но на еден добар начин. Му покажавме на светот дека можеме да се бориме со сета сила, но истовремено да бидеме добри колеги и да се почитуваме меѓусебно“.

„И за мене, многу значи тоа што сите сте тука… Искрено, ми зададовте некои тешки моменти на теренот, но навистина уживав секој ден да ги поместувам границите за да се натпреварувам со сите вас“.

„На крајот, тенисот е само игра. Понекогаш ни значи малку повеќе, но на крајот на краиштата, навистина е само игра. Тоа што сте тука за мене значи сè. Тоа е силна порака до светот – дека можеме да бидеме добри пријатели и покрај тоа што сме имале најголеми ривалства“.

„Ви благодарам од срце за сè во сите овие години. Навистина се надевам, и сигурен сум, дека ќе продолжиме да правиме позитивни нешта за нашиот спорт. Нашето наследство е тука, но треба да продолжиме да градиме нешта кои ќе му помогнат на тенисот да продолжи да расте. Сигурен сум дека ќе направиме убави нешта заедно. Ви благодарам многу за сè. И сè најдобро“.

Надал на земјената подлога на теренот „Филип Шатрие“ остави и трага од своето стапало, која вечно ќе стои на овој терен.

ФОТО: EPA

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ