Пред патувањето во Кадетен својот став го сподели ракометарот на Алкалоид, Иван Џонов.
„Атмосферата е супер, добро се подготвуваме. Првиот дел од подготовките мина добро, а сега влегуваме во подетална анализа на противниците. Со тек на времето ќе бидеме сè поподготвени за предизвиците кои не очекуваат на ЕП. Турнирот во Швајцарија е најважен за нас во овие подготовки. Сè она што го трениравме треба да го вметнеме во нашата игра. Ќе ни биде реална слика до каде сме и колку ќе функционира, дали и каде ќе грешиме. И по тој турнир имаме неколку денови на кои можеме да се поправиме ако биде потребно. Според мене тоа е најважниот турнир.
Нормално е дека сите сакаме да минеме во втората фаза. Противниците се екстра-квалитетни. Не треба да трошиме зборови за Данска, а и Португалија е многу квалитетна и во последните години завршува меѓу најдобрите на турнирите. Романија е исто така селекција која што не смее да се потцени. Можам да ветам дека ние ќе се бориме на секој натпревар, да бидеме најдобрата верзија од себеси за да ја претставиме Македонија во најдобро можно светло“, изјави Џонов.
Македонија на „Жолтиот куп“ ќе игра против Швајцарија, Бахреин и Украина на 8, 9 и 10 јануари.
На Европското првенство нашата селекција е во група со домаќинот Данска, Португалија и Романија.






