Македонските фудбалери на 4. септември во Прага играат против Саудиска Арабија, а на 7. септември во Скопје ја пречекуваат селекцијата на Лихтенштајн во квалификациски дуел за Светското првенство 2026.
На списокот на Милевски има двајца дебитанти, играчот од средниот ред на Шкендија, Решат Рамадани, и напаѓачот на Тун, Елмин Растодер.
„За овие дуели за жал не можевме да сметаме на Елези поради повреда на рамото, се надевам дека нема да му биде потребна операција. На списокот ги нема и Манев и Ашковски, но не значи дека и на следниот прозорец нема да бидат повикани“, вели Милевски.
„Решат Рамадани со игрите за Шкендија го заслужи овој повик. Таков играч ни е потребен во националниот тим, но од него зависи колку ќе се наметне и колку ќе биде корисен. Ќе добие шанса да докаже колку е спремен тактички, физички и ментално. Што се однесува до Растодер, се надевам дека со него ќе го подобриме квалитетот во нападот. Игра одлично оваа сезона во Тун“.
„Мечот против Саудиска Арабија ќе го искористиме за да го провериме потенцијалот кој го имаме, односно шанса ќе добијат претежно фудбалерите кои имаат помала минутажа во националниот тим. Планираме да пробаме и некои нови тактички варијанти, некои играчи ќе играат на неприродни позиции за нив. Ќе видиме дали тоа ќе вроди со плод и дали промените ќе бидат позитивни“.
„Дуелот со Лихтенштајн пак е можеби најважниот за нас во овој циклус на квалификации. Максимално ги почитуваме, сериозно се подготвуваме и се надевам дека фудбалерите ќе бидат на висина на задачата“.







