Шпанската Цивилна гарда оваа недела го објави првичниот извештај за страшната сообраќајна несреќа во која загинаа Диого Жота и неговиот брат Андре Силва.
Како веројатна причина за несреќата е наведна „брзина поголема од дозволената“ на тој дел од патот, но двајца сведоци сега го негираат ова.
Едниот е камионџијата кој сними како автомобилот гори покрај патот.
„Да, точно е дека снимав, но веднаш застанав, излегов да го гаснам пожарот но веќе беше предоцна, не можев да сторам ништо. Мојата совест е чиста. Не знаев кои беа внатре во автомобилот. Сочувство до семејството“ – вели Жозе Азеведо во видео објавено на социјалните мрежи.
„Семејството го има мојот збор дека не возеа брзо. Можев да видам каква е бојата и кој е моделот на автомобилот кога ме претекнаа. Возеа смирено. Овој пат го поминувам секој ден, добро го познавам и сум видел многу луѓе како беснеат, но тие не брзаа“.
„И покрај тоа што беше прилично темно, јасно можев да ја видам бојата и моделот на автомобилот. За жал, подоцна се случи несреќата“.
Втор камионџија во разговор со португалските медиуми исто така тврдел дека автомобилот на Диого Жота не се движел со преголема брзина, па останува да се види што ќе каже конечниот извештај на шпанската Цивилна гарда.