„Идејата за ваков спортски предизвик, сериозен логистички и организациски потфат, дојде во момент кога поради смртта, не бев во можност да ја однесам мојата мајка на местата каде што работи, создава и гради. Сето тоа ме мотивираше да осмислам една ваква манифестација во форма на аматерска маратонска тура со велосипед, која ќе ги обедини сите тие места, сите главни градови на овие 6 држави, сите места од детството, сите важни места за семејството, но и за нас како држава, Македонија“, вели Стојков.

Велосипедската тура почнува од родното место на Вера и на Александар, Свети Николе на 21 март и ќе се вози низ 5 поранешни Ју-републики (Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора) и Албанија, а финишот повторно е во Македонија, на 5 април.
Целта на оваа велосипедска тура е возобновување на човечките вредности, подзаборавени или изместени во последно време, враќање на соработката, разбирањето и љубовта од секаков вид, кои некогаш ги имаа, а денес помалку ги практикуваат народите кои живеат на овие простори. Да покажеме дека границите може да ограничат еден простор или држава, но не можат да не делат и да не спречат да се почитуваме, велат организаторите.
Многу луѓе ја препознаа во оваа приказна, па на сите места се организираат дочек и испраќање, но се организираат и екипи на добронамерници, велосипедисти, мото-бајкери, ентузијасти и други, кои етапно ќе придонесат за масовност на промотивното издание на Вера тур.
Целата организација на турата е пропратена со специјално дизјнирана опрема за овој настан и тоа официјален дрес, со знамињата на државите низ кои се минува, официјални маици, официјални спортски дуксери за учесниците и за фановите, како и сета потребна професионална опрема што е потребна за организација на една ваква тура.

Турата ќе се вози во вкупно 15 етапи, со околу 170 километри секоја, во 15 дена, со само два дена пауза меѓу етапите, што е подвиг еднаков на големите велосипедски натпреварувања.
Организаторите планираат оода да прерасне во традиционална трка, пред се поради карактерот, меѓутоа и затоа што на овие простори нема таква слична гранд-велосипедска тура.
Оваа година, на првото издание, единствен учесник на Вера тур ќе биде Александар Стојков, кој ќе вози на сите 15 етапи. Тој ќе биде следен од велосипедски експерти во форма на стручен тим, медицински тим и едно возило со најблиските од семејството. На секоја етапа одделно, ќе го следат најдобрите велосипедисти и репрезентативци од секоја земја, каде што ќе поминува. Веќе се потврдени учества и на различни други групи ентузијасти (бајкери, трејлери…) кои сакаат да бидат дел од овој караван.






