понеделник, 8 декември 2025

Објавен ПЦР-тестот: Ѓоковиќ со денови шетал заразен?

Објавено на

часот

Сподели

Денеска беше објавен позитивниот тест на коронавирус врз основа на кој Новак Ѓоковиќ тврди дека и покрај тоа што не е вакциниран има право да влезе во Австралија, бидејќи прележал ковид-19.

Долго време се шпекулираше дали воопшто постои споменатиот тест, дали е издаден точно на 16 декември или некој друг ден, но денеска се отстранети сите сомнежи што постоеја.

Резултатот од тестот Ѓоковиќ го добил на 16 декември во 20 часот и 19 минути, според наодот. Сега нема дилема ниту за претходните шпекулации за движењето на Ѓоковиќ – најдобриот тенисер на светот со денови заразен шетал меѓу луѓе.

Ѓоковиќ на 17 декември е снимен во друштво на деца на кои им делел пехари, а од фотографиите се гледа дека не држи дистанца и не носи маска, а ден претходно дознал дека е заразен.

По објавувањето на оваа вест реагираше и Л’Екип, кој објави фотографија од Ѓоковиќ во својата редакција, каде што Србинот на 18 декември бил на снимање на едиторијал и во таа прилика никому не кажал дека е позитивен.

„Адвокатите на Ѓоковиќ на 35 страници во австралискиот федерален суд се обидоа да ја оспорат одлуката на граничната полиција, но наводно позитивниот тест за ковид на Ѓоковиќ во средината на декември ги направи работите потешки, а не полесни“, објави Л’Екип со фотографија и линк до текстот.

Треба да се додаде и дека Ѓоковиќ на 22 декември направил нов тест, на кој бил негативен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ