„Сега ќе одвојам малку време да се одморам и да се опоравам, пред да дадам дополнителни коментари освен ова. Крајно сум разочаран од одлуката на судот да го отфрли моето барање за судска проверка на одлуката на министерот да ми ја одземе визата, што значи дека не можам да останам во Австралија и да учествувам на Австралија опен“, рече Ѓоковиќ.
Според соопштението што го објави австралискиот портал Еј-би-си њуз, Ѓоковиќ истакнал дека ја почитува одлуката на судот и дека ќе соработува со надлежните органи во врска со неговото заминување од земјата.
„Непријатно ми е што фокусот во изминатите недели беше на мене и се надевам дека сега сите ќе можеме да се фокусираме на играта и на турнирот што го сакам. Им посакувам на играчите, официјалните лица на турнирот, персоналот, волонтерите и навивачите сѐ најдобро на турнирот“, рече Ѓоковиќ, додавајќи дека би сакал да им се заблагодари на своето семејство, пријателите, тимот, навивачите и на своите сограѓани Србите на постојаната поддршка.
„Сите вие бевте голем извор на сила за мене“, изјави најдобриот тенисер во светот.






