Новак Ѓоковиќ минатата недела пристигна во Австралија со цел да испише историја, но се соочи со кошмарно сценарио откако му беше одбиена визата и беше сместен во имиграциски хотел во Мелбурн.
В понеделник судот ќе одлучува за неговиот статус, а во меѓувреме, конечно се огласи и првиот човек на Тенис Австралија, кој исто така е директор на Австралија опен.
„Од првиот момент рековме дека приоритет е безбедноста на жителите на Австралија, и дека ќе ги заштитиме од оние што доаѓаат од странство. Па затоа баравме сите кои ќе дојдат да бидат вакцинирани. На УС опен, само 50% од тенисерите и тенисерките што настапија беа вакцинирани, сега за Австралија опен, бројката е 97%“, вели Крег Тили.
„Сепак, постои и процес за медицинско изземање и тука имаше многу контрадикторни информации, премногу конфликтни информации. Постојано баравме појаснување на условите со цел приоритет да биде здравјето на сите“.
„Не само тенисерите, и обичните луѓе што доаѓаат во Австралија можат да побараат медицинско изземање. Постојано соработувавме со владата на државата Викторија, две комисии ги разгледуваа апликациите и само мал број тенисери и тенисерки добија медицинско изземање“.
Тој на крајот додаде: „Би сакал да го видам Новак Ѓоковиќ како игра на Австралија опен“.






