По елиминациите во полуфиналето, јасно е дека мотивацијата не е на највисоко ниво, но голманот на националниот тим, Столе Димитриевски, потенцира дека дресот на Македонија секогаш носи обврска за максимум.
„На последните натпревари примивме доста голови, доста ни шутираат на гол, ни треба подобра дуел игра на средината на теренот. Треба да ги освојуваме вторите топки и кога ги губиме тие дуели, често противникот ни шутира од далечина. Кога сме позиционирани, противникот не е многу опасен. Ги воочивме грешките и тука сме да напредуваме и подобруваме.
Секој од нас кажува неколку зборови пред натпревар, селекторот е голем мотиватор, а зборува и за тактичките детали. Професионалец сум и кога победувам и кога губам и доаѓам за репрезентација максимално концентриран за да одиграм одличен натпревар. Тоа е најмалку што можеме да сториме за националниот тим“, изјави голманот.
Натпреварот на „Авива стадиум“ ќе има пријателски карактер, а според договорот меѓу двете федерации ќе бидат дозволени по четири замени од секоја страна, што отвора простор за ротации и тестирање на повеќе фудбалери.






