недела, 29 март 2026

Дерби како некогаш: МЗТ го доби спектаклот во „Јане“ и го остави Работнички без шанси за плеј-оф

Кошаркарите на МЗТ Скопје го добија „вечното“ дерби против Работнички со 97-93 по продолжение во 21 коло на Суперлигата на Македонија, оставајќи го ривалот без шанси за плеј-оф.

Фото: КК МЗТ Скопје

Објавено на

часот

Сподели

„Штрковите“ ја израдуваа домашната публика, го совладаа градскиот ривал во спектакл како во некои претходни времиња со одлична посетеност на трибините во СЦ „Јане Сандански“. Дополнителна убавина на дербито му дадоа ривалските песни на навивачките групи „Фемили Аеродром“ и „Сити Парк Бојс“, но имаше и одлична бројка на неутрална публика, што не е чест случај во мак-баскетот.

Дербито понуди многу пресврти, МЗТ отвори подобро, а потоа Работнички ја затвори првата четвртина со позитива (13-20). И стартот на вториот период беше за гостите кои поведоа со максимални „плус 11“. Веднаш Атанасов свика тајм-аут и го консолидира тимот, па МЗТ се врати до паузата и на одмор замина со минимални 42-43.

Третата четвртина беше доста израмнета, а „штрковите“ поведоа дури пред крајот. Во завршниот период се влезе со резултат 62-58, потоа домашниот тим поведе и со 70-62, ама Работнички покажа карактер и се врати кога сите го отпишаа. Се изборија гостите за продолжение благодарение на тројката на Виктор Ефремовски на три секунди пред крајот (81-81). Иако во доигрувањето подобро влегоа аеродромци, успеа Работнички со добра серија да стигне до 88-92 на две минути пред крајот, ама тогаш се „исклучија“. Со серија избрзани грешки гостите му ја подарија победата на МЗТ Скопје, а со тоа останаа без шанси за пласман во плеј-офот и ќе разигруваат во групата за опстанок во лигата.

Кратката ротација на Работнички исплива на површина, а најдобри во тимот беа Ефремовски со 27 и Роберт Рикиќ со 25 поени и 15 скока. Кај „штрковите“ се истакна Мек Смит кој го заврши мечот со 25 поени, додека одличен беше и Марин Петков со 18 поени и 11 асистенции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ