По натпреварот анализа на одиграното даде тренерот Иван Чупиќ. Тој беше презадоволен од одбраната за која нагласи дека првпат била на топ ниво.
„Сакам да се заблагодарам на играчите кои денес оставија срце на терен, од прв до последен. Знам дека не играа сите, ама енергијата се виде. Се виде и синергијата со салата, кога ќе те носи публиката мислиш дека се е можно. Денес веројатно првпат откако сум тренер ја имавме таа синергија која те води. Цел натпревар ни беа ветер во грб и тоа се почувствува. Можеби не беше преубав натпревар, ама во првиот дел и покрај техничките грешки одигравме перфектна одбрана, што би рекол јас шампионска. Оставивме нозе, раце и срце на теренот. Мислам дека откако сум јас тренер, ова беше првпат одбраната да биде на топ-ниво. Тоа и речиси полната сала ни донесе резултат и победата. Како одигравме во одбраната во првиот дел, ако немавме толку технички грешки разликата ќе беше поголема. Бенфика се обиде на сите начини, седум на шест, со два пивоти, ама ништо не им помина. Вака треба да продолжиме, бидејќи оваа одбрана дава многу. Треба да се игра шеесет минути, а сега првпат откако сум тренер на екипата изгоревме цел натпревар во одбрана и тоа ни се врати.
Првата цел беше да ја минеме главната фаза, а тоа го исполнивме сега. Не сакам математики, иако на Балканот се калкулира константно. Ќе повторам, мора да го презентираме Вардар на секои два-три дена во вистинско светло. За викенд играме во Купот, а потоа одиме кај Мелсунген кој е фаворит. Нема да биде лесно, меѓутоа ќе го подготвиме натпреварот максимално и сакаме таму да се покажеме добро. Ако одиграме добро и Бог ни помогне, можеби ќе победиме“, изјави Чупиќ.
Во последното коло Вардар ќе му гостува на Мелсунген во борбата за првото место во групата. Осминафиналето е веќе сигурно, а потенцијална победа во Германија ќе значи пласман директно во четвртфинале.






