Реал Мадрид напаѓаше во текот на целиот меч, Јувентус одлично се бранеше, но катанаџото на италијанскиот тим попушти во еден момент.
Тоа се случи во 58. минута кога Џуд Белингем реализираше за водство на Реал од 1-0, што беше и конечен резултат на мечот.
Ливерпул во Франкфурт отпатува со четири порази по ред. За сликата да биде уште полоша во еден момент, се погрижи Кристенсен кој донесе водство на Ајнтрахт од 1-0 во 26. минута.
На црвените им требаа 10 минути да се соземат, тогаш Екитике изедначи на 1-1, следуваше гол на Ван Дајк за 2-1, а во крајот на полувремето водеа и со 3-1 со гол на Конате.
Во второто полувреме погодија и Гакпо и Собослај за конечна победа од 5-1.
Со резултат од 5-1 славеше и Челси над Ајакс на Стемфорд Бриџ.
До убедлива победа дојде и Баерн Минхен кој со 4-0 го совлада Клуб Бриж.
Спортинг со пресврт во второто полувреме дојде до победа од 2-1 над Марсеј, а немаше голови на натпреварите Аталанта – Славија Прага и Монако – Тотнем.
Претходно во денот Атлетик Билбао со 3-1 го совлада Карабах, со истиот резултат Галатасарај го победи Бодо/Глимт.






