Барселона ќе се сретне со Интер во полуфиналето во Лигата на шампионите, па Мундо Депортиво објави статија посветена на Лаутаро Мартинез, и како капитенот на Интер за малку можел да има поинаква кариера.
По шокантната елиминација од Ливерпул во Лигата на шампиони во 2019 година, „каталонците“ започнале потрага по нов голгетер и изборот паднал на Лаутаро Мартинез.
Преговорите бележеле добар прогрес и во март 2020 година, двајца директори на Барселона отпатувале во Мајами на средба со агентот на Аргентинецот.
На овој состанок биле испеглани сите детали, двете страни си подале рака за финансиските детали од договорот на Лаутаро Мартинез и „каталонците“ добиле дозвола да отворат преговори со Интер.
Барселона имала подготвено 60 милиони евра за ангажман на Лаутаро Мартинез, но поради пандемијата на ковид-19 и карантинот, фудбалот запре,„каталонците“ останаа без големи приход откако Камп Ноу и музејот мораа да бидат затворени и на крајот зделката морала да биде стопирана.
Лаутаро Мартинез остана во Интер, каде се промовираше во еден од најдобрите напаѓачи и капитен на тимот од „Меаца“.