Нашата репрезентација од вчера е во главниот град на оваа скандинавска земја, а денес се одржа официјалната прес-конференција. На неа освен селекторот Гоце Седлоски се обрати и Енис Барди.
„Ги знаеме и добрите и слабите страни на данската репрезентација. Се спремивме, анализиравме, разговаравме како да ги спречиме нивните силни страни и подготвени сме за натпреварот. Научивме многу работи од поразот во Кардиф, разговаравме меѓусебе и свесни сме што може да ни донесе овој натпревар. Новајлиите ги примивме одлично, посебно Херера, кој зборува македонски. Брзо влегоа во ритамот кој го имаме. Со овие емоции и енергија спремни сме на сите комбинации. Елмас ни помага, ги советуваше и одбранбените фудбалери како да внимаваат на Хојлунд. Во најголем дел од овие големи натпревари бевме потценети и тоа добро ни дојде. Ние на терен ќе покажеме што знаеме. Подршката на нашите фанови секогаш допира до нас и штета е што утре нема да можат да дојдат сите, но цела нација е со нас“, изјави капитенот на Македонија.
Пресметката меѓу Данска и Македонија ќе биде четврта меѓусебна во историјата, а ние имаме благо подобар биланс.






