Атлетико Мадрид има за што да жали откако ИФАБ попладнево ги појасни правилата и пресече што треба да се прави кога фудбалер ненамерно ќе направи два контакти со топката при изведување на пенал.
Клубот од „Ванда“ беснееше на судиите кога со помош на ВАР беше поништен голот на Хулијан Алварез во пенал серијата против Реал Мадрид во Лигата на шампиони.
Со оглед на тоа дека во правилата не е пропишано како точно треба да се санкционира ова, Одборот на Меѓународната фудбалска асоцијација сега даде напаствија како да се постапува од 1. јули (можно е и порано, за да биде опфатено и новото Светско клупско првенство).
Доколку при изведување на пенал, фудбалерот ненамерно ја удри топката со двете стапала во исто време, или веднаш по шутот топката ја закачи ногата на која фудбалерот се потпира, доколку биде постигнат гол, истиот нема да важи и пеналот ќе се поништи.
Во случај пеналот да биде промашен, судијата има опција да досуди индирект или пак доколку ситуацијата налага, да се дозволи предност во корист на тимот кој се брани. Доколку се работи за пенал серија, обидот ќе се смета како промашен.
Во случај доколку фудбалерот кој изведува пенал намерно ја удри топката со двете стапала истовремено, или намерно ја допре по втор пат, тогаш ќе биде досуден индирект, или пак доколку ситуацијата налага, да се дозволи предност во корист на тимот кој се брани.