недела, 14 декември 2025

Арсими со неверојатен пресврт го победи Тиквеш во Кавадарци

Денеска со два натпревари стартуваше десетото коло од Првата македонска фудбалска лига, во нив Башкими со 4-1 го совлада Шкупи, а Арсими со 4-3 славеше на гостувањето кај Тиквеш.

Објавено на

часот

Сподели

Кумановци ја оправдаа фаворитската улога на домашен терен совладувајќи го Шкупи со убедливи 4-1. Башкими го отвори мечот во силно темпо и за само половина час веќе имаше водство од два гола. Прво прецизен беше Алексовски во 10. минута, а потоа Симовски во 26. минута ја зголеми предноста. Гостите намалија во финишот на првиот дел, но само неколку минути подоцна нивниот поранешен фудбалер, Аворнио стрелаше за 3-1.

Во второто полувреме Башкими играше рутински, а точка на триумфот стави Хаџиќ со погодок за конечни 4-1.

Во Кавадарци, пак, публиката сведочеше на вистински трилер. Тиквеш имаше водство од 3-1, но на крај остана празни раце, Арсими направи неверојатен пресврт и славеше со 4-3.

Домашните започнаа одлично, и со двата гола на Садик по првиот дел водеа со 2-0. Гостите намалија на стартот на вториот дел преку Шефити, но Ивановски со ефектен гол во 54. минута донесе ново водство од два гола за Тиквеш.

Кога сите очекуваа мирен финиш, следеше шок за домашната публика, Шефити во 84. и 87. минута комплетираше хет-трик за израмнување, а во судиското продолжение Таипи донесе целосен пресврт и голема победа за Арсими.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ