четврток, 25 декември 2025

Ангеловски до Омерагиќ: Немојте да се доведувате во ситуација да дувате на јогурт

Препукувањата меѓу поранешниот селектор Игор Ангеловски – Мрме и актуелниот претседател Масар Омерагиќ, како и Горан Пандев, се претвораат во сапуница.

Објавено на

часот

Сподели

На вчерашната прес-конференција првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ одговори на жестоката реакција на Мрме за изборот на Гоце Седлоски велејќи дека јогуртот во маркети има повеќе рок од клупските ангажмани на Ангеловски, а ја доведе во прашање и неговата про лиценца за тренер.

Поранешниот селектор не остана покус, па денеска го возврати ударот.

„Господине Омерагиќ гледајќи ја вашата вчерашна прес-конференција незнаев дека имате дарба за медицина. Се надевам дека сте во добра психо-физичка кондиција. Немојте да ја замајувате јавноста. Зборуваме за бараж натпревари за пласман на СП каде назначувате селектор кој истовремено ќе работи во клуб и репрезентација пред ваков важен натпревар кој е од НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС!

Ова ви го кажувам како поранешен селектор не како клупски тренер, не сум од тие кои ќе дозволат да ми се заканувате! Како тоа моето име се најде за кандидатура за нов селектор ако вчера изјавувате ноторни лаги за мене. Јас сум истиот од пред еден месец и не заборавајте Вие мене ми се јавивте. Прво Горан Пандев – директорот на сите национални селекции на ваше барање потоа вие. Кога веќе соопштувате детали зошто не го повикавте гореспоменатиот да ги соопшти деталите на разговорот. Кога веќе го искористивте нашиот разговор и сте ме пуштиле на интерфон без да ме известите за тоа како што кажавте „пред сведоци” Кога сме кај тоа бидете искрени до крај и кажете што ви одговорив: Дека од мене можете да очекувате само професионалност.

Кога Ве прашав за кого сте вие одговоривте: „Сеуште не сум одлучил“. Господине Омерагиќ вашиот личен избор на селектор за кој се немавте „одлучено” го договараше стручниот штаб се јавуваше на кондициски тренер во Хрватска… Немојте да заборавите дека јас поминав во ФФМ шест години.

Кога сме кај про-лиценците јавно Ве повикувам да извршите ревизија на сите лиценци издадени од ФФМ вклучувајќи ја и мојата и да го објавите регистарот во кој се запишани имињата на носителите. Да Ви помогнам. Во седиштето на УЕФА во Нион како претставници на тогашната генерација на кандидати за УЕФА – Про лиценца. Игор Ангеловски, Горан Станиќ и Ренато Глигоровски во присуство на директорот на едукативниот центар проф. Небојша Марковски и Марио Ѓурчиновски, а под менторство на Дејвид Мојс тогашниот тренер на Манчестер Јунајтет го одработивме испитот за УЕФА Про Лиценца при што добивме највисока оцена. Сето ова е документирано со видео запис во архивите на УЕФА и Ви е достапен на проверка на Ваше барање. Нема да дозволам да фрлате дамка врз моето име. Немојте да се доведувате во ситуација да дувате на јогурт!“, напиша поранешниот селектор, Игор Ангеловски – Мрме.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ