Карло Анчелоти ги одработува последните денови на кормилото на „кралевите“, Италијанецот ќе го напушти Реал Мадрид по последното коло во Ла Лига на 25. мај и ќе ја преземе репрезентацијата на Бразил.
„Од 26. мај ќе бидам селектор на Бразил, тоа е официјално, вчера беше испратено соопштение“ – вели популарниот Дон Карло.
„Реал Мадрид ќе излезе со соопштение кога ќе процени дека е соодветен момент за тоа, нема никакви проблеми“.
„Ќе бидам тренер на Реал Мадрид до 25. мај, и вчера прв пат сфатив дека повеќе нема да го предводам овој тим“.
Искусниот стратег потоа додаде: „Фудбалот, исто како и животот, е авантура која има почеток и крај. Кога пристигнав тука, знаев дека еден ден ќе дојде крајот и тој ден е 25. мај. Уживав во престојот тука, никогаш немав проблеми со клубот и никогаш нема да имам. Реал Мадрид секогаш ќе ми остане во срце. Имавме прекрасно време и освоивме многу трофеи. Фантастични спомени што ќе траат цел живот“.
„Не сум фрустриран, со крв ќе потпишев доколку некој ми кажеше дека ќе освојам 11 титули во 4 години“.