Пред ова гостување кај лидерот во групата, своите очекувања ги сподели тренерот на тимот Стевче Алушовски.
„Барселона е лидер во нашата група и во моментов игра можеби најдобар ракомет во Европа. Составена е од голем број интернационалци, како искусни, така и млади репрезентативци на Шпанија Оваа екипа има систем кој долго го игра. Ние нема што да загубиме на овој натпревар, туку можеме само да добиеме. Најмногу за да останеме во еден силен натпреварувачки ритам, затоа што веќе в недела ни следи дербито на сезоната. Се подготвуваме за Барса како и за секој друг натпревар, бидејќи добро ни дојдоа овие 3-4 натпревари од Европа за да бидеме максимални во плеј-офот. Анализираме кои се слабите страни во одбрана и во напад, ќе пробаме да го имплементираме нашиот систем и да одговориме на играта на Барселона. Имаме мали кадровски проблеми, Филип Кузмановски уште не е во тренажен процес, но се подготвуваме максимално. Очекувам натпревар за уживање, можеби нема да биде сличен како оној во Битола, но ќе се обидеме да изненадиме ако ни се укаже шанса“, изјави Алушовски.
Освен тренерот на зелено-белите, коментар за она што следува даде и најновото име во тимот Никола Граховац, кој кажа:
„Тешко е да се припремате на Барселона, можеби најдобриот клуб во историјата на ракометот. На секој играч му е чест да игра против Барса, тоа е сон на секое момче кое ќе почне да игра ракомет, Дополнителна мотивација не треба, но треба да бидеме свесни дека в недела го играме најважниот натпревар во сезоната – против Вардар 1961. Се спремаме за двата натпревари. Работиме секојдневно за да напредуваме. Последните два натпревари во Лигата на шампионите но донесоа многу добри работи. Екипата расте, добро работиме и нема за што да стравуваме“.
Пред овој натпревар пелистерци ремизираа дома со ПСЖ, а оваа средба ќе биде простување од елитното натпреварување за оваа сезона.
Натпреварот меѓу Барселона и Еурофарм Пелистер се игра в среда во 20:45 часот.






