Момците на Кире Лазаров со пласманот во финалето го направија својот најголем успех на европската сцена и веќе испишаа историја, но сите посакуваат мисијата да биде комплетирана со кревање на победничкиот трофеј.
За жал во завршните битки Лазаров не може да смета на својот најдобар ракометар Марко Митев кој се рехабилитира од тешката повреда, но Алкалоид покажа дека може и без него да одигра на високо ниво.
„Екипата е подготвена, мотивирана, имаме желба и знаење. Можеби сме малку неискусни за финални натпревари, но работиме и на тој психолошки момент. Верувам дека ќе се покажеме во најдобро светлo и ќе стигнеме до посакуван резултат“, вели тренерот Лазаров.
За разлика од Алкалоид кој е проект претежно составен од домашни ракометари, филозофијата на грчкиот АЕК е сосема поинаква. Се работи за актуелен шампион на Грција, а тимот е составен претежно од странци, имаат дури 16 ракометари странски ракометари.
Искусниот Никола Маркоски очекува жешка атмосфера во Атина.
„Знаеме дека атмосферата ќе биде жешка, но за професионални спортисти треба да е уживање да се игра пред полна сала. Најважно е на крајот ние да стигнеме до победата“, вели Маркоски.
Алкалоид е петтиот македонски тим кој ќе игра европско ракометно финале, тој сака да им се приклучи на РК Вардар и ЖРК Кометал Ѓорче Петров кои го кренаа трофејот, а за таков успех се бореа и Пелистер во Чинџ Купот и во сезоната 2001/2002 како и ЖРК Вардар.
Многу работи ќе зависат и од голманите, на кој голман подобро ќе му тргне, колку одбрани ќе има.
„Максимално да се вложиме и да бидеме 100 проценти фокусирани. Ако ги спроведеме задачите како што треба, на крајот ќе дојдеме до добар резултат“, верува голманот на Алкалоид, Иван Галевски.
Според обложувалниците АЕК е фаворит против Алкалоид, но како ќе биде на теренот, останува да се види.
„Ова е момент кога можеме да испишеме историја за клубот и да го освоиме пехарот во ЕХФ Европскиот куп. Имаме квалитет, можеме да ја оствариме целта“, оптимистички размислува и Дамјан Митев.
Слично како и Марко Стојковиќ кој вели дека Алкалоид не се задоволува само со пласманот во финалето.
„Одиме на победа на двата натпревари. Не се задоволуваме со тоа што сме во финале. Сакаме да го освоиме трофејот, тоа не е мала работа“, рече Стојковиќ.
Финалната битка ќе почне денеска во Атина, а ќе заврши за седум дена во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“. МТВ ќе врши директен преност од овие натпревари.