Ракометниот клуб Алкалоид ја информира јавноста дека до надлежните органи на Ракометната федерација на Македонија е поднесена официјална жалба поради сериозните судиски пропусти и крајно неконзистентното судење на натпреварот меѓу ГРК Охрид и РК Алкалоид, одигран на 14 март 2026 година во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, во рамки на второто коло од плејофот во македонската Суперлига, кој заврши со нерешен резултат 27-27.
Станува збор за натпревар од исклучително значење во плејоф фазата, дерби кое имаше резултатска тежина, натпреварувачки набој и големо влијание врз понатамошниот тек на првенството. Токму затоа, ваквите натпревари бараат највисок степен на професионалност, концентрација, интегритет и изедначен критериум во судењето.
РК Алкалоид смета дека на овој натпревар беше драстично оштетен од одлуките на судиската двојка Виктор Начевски и Даниело Божиновски, чие судење, според клубот, беше лошо во текот на целиот натпревар, со невоедначен критериум, различен пристап во идентични ситуации и со повеќе спорни одлуки што директно влијаеја врз ритамот на играта, психолошката стабилност на тимот и конечниот резултат.
„Дерби натпреварот во Охрид беше со сите карактеристики на дерби меч, во кој движењето на резултатот во текот на сите 60 минути беше во рамки на еден до два гола разлика. Натпреварот можеше да биде резултатски прекршен во кој било период од играта, а тоа особено се однесува на финишот. Сметаме дека РК Алкалоид е драстично оштетен со катастрофалното судење на судиската двојка Виктор Начевски и Даниело Божиновски. Судењето беше лошо во текот на целиот меч, критериумите не беа изедначени, а во неколку наврати беа донесени одлуки на штета на РК Алкалоид за кои сметаме дека директно влијаеја на конечниот исход на дербито“, изјави претседателот на клубот, Горан Минов.
РК Алкалоид очекува Ракометната федерација на Македонија без одлагање, детално, стручно и одговорно да ја разгледа поднесената жалба и да утврди дали на овој натпревар биле исполнети основните критериуми за фер, објективно и непристрасно судење. Апелираме до надлежните да постапат професионално, одговорно и без калкулации.
РК Алкалоид и во иднина ќе продолжи да ги користи сите дозволени и легитимни механизми за заштита на своите права, интереси и спортскиот интегритет на клубот.






