вторник, 15 јули 2025

Алиоски со супер гол во финишот донесе бод за Македонија против силната Белгија! (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација одигра 1-1 против Белгија во квалификациски меч за Светското првенство кој се играше на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, херој на Македонија беше Џани Алиоски кој постигна прекрасен гол во самиот финиш од натпреварот.

Објавено на

часот

Сподели

Белгија во Скопје допатува како голем фаворит, но момците на Благоја Милевски се покажаа во одлично издание, создадоа повеќе шанси, искористија една од нив и дојдоа до бод.

Алиоски е херојот на Македонија, тој даде гол во 87. минута за 1-1, а можеше да биде трагичар бидејќи во првото полувреме не погоди на празен гол.

Белгија тргна офанзивно уште од самиот старт на натпреварот, се играше пред нашиот гол, но во воведните минути без големи шанси. Лукаку имаше обиди кои беа блокирани.

Во 20. минута Раскин ја погоди стативата биејќи со глава од странична позиција, две минути подоцна Салемакерс упати бомба од далечина која Димитриевски ја одбрани со одлична интервенција.

Течеше 24. минута кога Македонија ја имаше првата шанса, Барди се најде во одлична позиција, имаше опција на десната страна да го проигра осамениот Миовски, но капитенот се одлучи сам да завршува, биеше силно, Селс го одбрани неговиот удар.

Само три минути подоцна се случи неверојатна шанса за Македонија, Елмас ја погоди стативата, топката дојде до Алиоски кој пред себе имаше празен гол, но тој ја погоди другата статива.

Во следната минута се случи непишаното правило, казната стигна по нашата неискористена шанса. Лукаку биеше, беше изблокиран од Илиевски, топката дојде до Де Кујпер кој лесно ја смести во нашата мрежа за водство на Белгија од 1-0.

По примениот гол Македонија заигра нешто поофанзивно, но до крајот на првото полувреме не се случи ниту една посериозна шанса и на двете страни. На одморот заминавме со негатива од еден гол.

По две минути игра во второто полувреме Македонија се израдува на гол, Елмас шутираше, топката го удри Илиевски и заврши во мрежата на Селс. Но по подолго прегледување на ВАР беше покажано офсајд. Погодокот беше поништен, рамото на Илиевски беше во офсајд.

Македонија продолжи со напади кон голот на Белгија. Во 54. минута Елмас имаше одличен продор во противничкиот шеснаесетник, топката дојде до Костадинов кој биеше над голот.

Првата посериозна акција по дадениот гол Белгија ја направи дури во 60. минута, кога Доку проби по левата страна, влезе опасно во шеснаесетникот, но се обиде да проигра некој од своите соиграчи, но Димитриевски со одлична интервенција ја спречи белгиската акција.

Во 69. минута повторно пробив на Доку по левата страна, овојпат топката дојде до Раскин кој биеше кон нашиот гол, но ја погоди стативата.

Пет минути подоцна Барди се најде во шанса, се обиде да бие, но беше соборен во шеснаесетникот на Белгија. Се гледаше ВАР, сепак беше одлучено дека нема пенал.

Во 87. минута ерупција на Националната арена „Тодор Проески“, прекрасна асистенција на Чурлинов до Алиоски кој даде фантастичен гол за израмнување на 1-1. Џани Алиоски од трагичар се претвори во херој на Македонија.

До крајот на натпреварот Белгија се обидуваше да ја врати предноста, но Македонија ги одбрани последните минути и на крајот заслужено се радуваше на реми кое дури можеше да биде претворено и во победа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ