среда, 15 јануари 2025

Споменикот на Франција: Ален Делон

Ален Делон, светски признатиот француски актер, кој ги отелотворуваше и бандитот и полицаецот и ги топеше срцата низ светот, почина на 88-годишна возраст, објавија француските медиуми.

Објавено на

часот

Сподели

Со убавиот изглед и нежните манири, плодниот актер успеа да ја искомбинира грубоста со привлечната ранливост, што го направи еден од најнезаборавните Французи.

Делон беше и продуцент, се појавуваше во претстави, а во подоцнежните години и во телевизиски филмови.

Францускиот претседател Емануел Макрон му оддаде почит на Икс на „францускиот споменик“.

„Ален Делон играше легендарни улоги и го поттикна светот да сонува“, напиша тој. „Меланхоличен, популарен, таинствен, тој беше повеќе од ѕвезда“.

Децата на Делон ја објавија смртта во изјава за француската национална новинска агенција Франс прес, вообичаена практика во Франција. Изрази на почит кон Делон веднаш почнаа да се слеваат на социјалните платформи, а сите водечки француски медиуми се впуштија во известување за неговата богата кариера.

Претходно оваа година, неговиот син Ентони изјави дека на неговиот татко му бил дијагностициран Б-клеточен лимфом, еден вид рак.

Во текот на изминатата година, кревката здравствена состојба на Делон беше во центарот на семејниот спор околу неговата грижа, што доведе до жестоки препукувања преку медиумите меѓу неговите три деца.

Во врвот на неговата кариера, во 1960-тите и 1970-тите, Делон го бараа некои од врвните светски режисери, од Лучино Висконти до Џозеф Лоси.

Во неговите подоцнежни години, Делон се разочара од филмската индустрија, велејќи дека парите го убиле сонот. „Парите, трговијата и телевизијата ја уништија машината за соништа“, напиша тој во издание на неделникот „Ле новел опсерватор“ од 2003 година. „Моето кино е мртво. И јас сум мртов.”

Но тој продолжи да работи често, појавувајќи се во неколку ТВ-филмови во неговите 70-ти.

Присуството на Делон беше незаборавно, без разлика дали играше морално развратни херои или романтични јунаци. Тој првпат доби признание во 1960 година со „Plein Soleil“, во режија на Рене Клемент, во кој играше убиец што се обидува да го земе идентитетот на своите жртви.

Филмот на Висконти од 1963 година „Le Guepard“ (Леопардот) со Делон во главната улога ја освои Златната палма, највисоката чест на Канскиот филмски фестивал. Неговите други филмови го вклучуваат Клементовиот „Дали Париз гори“, со сценарио на Гор Видал и Френсис Форд Копола, меѓу другите; „La Piscine“ (Грешниците), во режија на Жак Дерај; и „Атентатот на Троцки“ на Лоси во 1972 година.

Фондацијата Брижит Бардо, посветена на заштита на животните, му оддаде почит на „исклучителниот човек, незаборавен уметник и голем пријател на животните“, во соопштение објавено на социјалните мрежи. Делон беше „близок пријател“ со француската филмска легенда Брижит Бардо, „која е длабоко тажна поради неговата смрт“, се вели во соопштението. „Загубивме скапоцен пријател и човек со големо срце“.

Францускиот филмски продуцент Ален Терзиан рече дека Делон е „последниот од гигантите“.

Неговиот добар изглед го одржуваше. Во август 2002 година, Делон изјави за неделниот магазин Л’хуманите ебдо дека не би бил сè уште во бизнисот кога би го немал тоа.

„Никогаш нема да ме видите стар и грд“, рече тој кога веќе имаше 70 години, „затоа што ќе напуштам порано или ќе умрам“.

Меѓутоа, токму во 2019 година Делон ги срочи своите чувства за смислата на неговиот живот за време на гала настан во чест на Канскиот филмски фестивал. „Единственото нешто за што сум сигурен е дека ако има нешто со што се гордеам, навистина, единственото нешто, тоа е мојата кариера“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ