четврток, 26 декември 2024

Спиропали – Гаши: Албанците од Македонија се фактор на евроатлантските интеграции

Соработката меѓу Албанија и Северна Македонија е важен чекор кон посигурна иднина во регионот, оценила претседателката на албанскиот парламент Елиса Спиропали, на средбата со македонскиот колега Африм Гаши, кој престојува во Тирана.

Објавено на

часот

Сподели

Таа кажа дека посетата на Гаши на Тирана, која се случува брзо по нејзината посета на Скопје, ја потврдува  блиската и интензивна соработка меѓу двете собранија.
„Албанија има за цел да се приклучи на Европската унија до 2030 година и овој датум е амбициозна, но остварлива цел. На овој позитивен момент за Албанија треба да се гледа позитивно од целиот регион. Членството во Европската Унија е процес кој се заснова на заслуги, спроведување на реформите и исполнување на стандардите на ЕУ, а не на други фактори или околности“, рекла Спиропали.

Таа оцени дека билатералните прашања меѓу земјите кандидати и земјите-членки на ЕУ не треба да бидат пречка во процесот на членство.

„Албанија се надева дека Северна Македонија ќе ја одржи Втората меѓувладина конференција со ЕУ што е можно поскоро, бидејќи нашите две земји се додадена вредност за ЕУ. Билатералната соработка на полето на европските интеграции е важна и затоа создавањето заеднички механизми за размена на информации и искуства ќе ја зголеми ефикасноста на реформите“, вели Спиропали.

Таа подвлече дека Албанија и Македонија се силно ангажирани во регионалните иницијативи, како што е Берлинскиот процес, кој помага за натамошно зајакнување на економските, социјалните и политичките врски.

„Албанците во Северна Македонија дадоа и продолжуваат да даваат значаен придонес во управувањето и зачувувањето на стабилноста на земјата и имаат одлучувачка улога во евроатлантските процеси и зачувувањето на ориентацијата на земјата кон Западот и западните вредности, толку важни, особено во актуелните услови на геополитичките случувања во Европа и пошироко“, кажала Спиропали.

Гаши ѝ честиташе на Албанија за почетокот на пристапните преговори со ЕУ и изрази очекување дека двете земји и понатаму ќе соработуваат на планот на европската интеграција. Беше подвлечено дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла.

Во контекст на парламентарната соработка, којa има бројни потенцијали, од страна на двајцата претседатели беше истакната можноста за поголема соработка меѓу комисиите за европски прашања и националните совети за евроинтеграција, со оглед на заедничките интереси на двете држави во евроинтегративниот процес.

Соговорниците истакнаа дека единствениот пат кон побрзо економско унапредување на Регионот е регионалниот пазар и заедничко интегрирање во истиот, бидејќи е природно добрите економски односи во регионот да бидат придружувани со добри политички односи и само на тој начин регионот реално ќе напредува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ