Медиумите во Србија исклучително критички се настроени кон сопствените навивачи, кои не се ни потрудија да ја наполнат салата, особено што нашиот северен сосед игра за полуфинале на Европското првенство.
„Како што и се очекуваше, пеколна беше атмосферата во Арена, но не ја создадоа навивачите на Србија. Тоа го направија Македонците. Нашите јужни соседи очекувано ја исполнија салата на Нов Белград. А што е со Србија“, коментираше порталот mondo.rs.
„Како е можно во главниот град на Србија да има повеќе Македонци отколку српски навивачи, а Србија се бори за полуфинале?“, се запраша авторот на текстот.
Затоа и официјалниот спикер беше принуден да ги замоли нашите навивачи да останат во салата и да ја одгледаат средбата.
„Браќа Македонци, не ја напуштајте салата и останете да ги бодрите ‘орлите’“, ечеше од звучниците во Арена.
Македонците и ја прифатија поканата и останаа, па забележливи беа црвено-жолтите знамиња, препознатливите капи на трибините во салата.