сабота, 18 мај 2024

Специјализантите решија – штрајкот продолжува, а изјавата на министерот е срамна

Лекарите специјализанти вечерва донесоа одлука нивниот штрајк да продолжи и утре, без оглед што Владата најави дека утре ќе расправа за нивните барања за покачување на паричниот надоместок за време на специјализацијата и за решавање на статусот. Изјавата на министерот за здравство Илир Демири, кој рече дека штрајкот е политички мотивиран, ја оценија како срамна.

Објавено на

часот

Сподели

„Ја информираме јавноста дека штрајкот ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, сѐ додека Министерството за здравство после утрешната седница на Влада не излезе со официјален став и соопштение. Врз основа на одговорот од Министерството за здравство, приватните специјализанти ќе одлучат за своите понатамошни чекори“, стои во нивната објава на Фејсбук.

Во врска со денешната изјава на министерот за здравство Илир Демири дека нивниот штрајк е политички мотивиран зашто „токму во време на кампања излегле да штрајкуваат“, ја оценија како срамна.

„Срамна изјава за еден министер за здравство и доктор кој е дел од истиот систем за кој приватните специјализанти толку многу се борат за да го оддржат во живот! Три месеци исплатен надоместок биле доволни за да ги покријат долговите кон факултетот, вели министерот… Би сакале да го прашаме почитуваниот министер со што да живеат колегите во тие три месеци додека ги собираат парите да уплатат за семестарот?“, реагираат официјално специјализантите.

Во поширокото соопштение, приватните специјализанти потсетуваат дека нивни претсавници денеска беа примени од министерот Демири, заменик министерката Маја Манолева и од владиниот советник за здравство Ана Данева Маркова.

„Мислењето на Министерството е дека најверојатно нема да може предизборно да се исполнат нашите барања. Добивме ветување дека утре 16.04.2024 на седница на Влада ќе ги предложат нашите барања и ќе излезат со официјален став и соопштение.

Од наша страна предложивме дека доколку проблемот е во пред-изборниот период и тоа што функционира техничка влада, Министерството за здравство да побара мислење од Анти корупциска комсија и од Државната изборна комисија.

По обидот за наша дискредитација од страна на министерот за здравство сакаме јавно да демантираме и да нагласиме дека штрајкот нема никаква политичка заднина, ниту пак стои политичка партија. Штрајкот е мотивиран само од егзистенцијални проблеми со кои се соочуваат повеќе од 400 специјализанти и нивните семејства.

Исто така на прашањето зошто баш сега штрајкуваме сакаме да ја информираме јавноста дека нашите барање се проследени неколку месеци претходно до актуелниот министер како и до претходните министри, приватните специјализанти беа трпеливи и сакаа да го решат овој проблем по пат на договор, но бидејќи тоа не се реализира се одлучивме на овој чекор.

Дополнително придонес кон зголемување на нашето незадоволство придонесе и фактот дека бевме заборавени од сите покачувања кои ги опфатија вработените во јавните здравствени установи“, се вели во соопштението за јавноста.

Околу 400 специјализанти од денеска не ги извршуваат работните обврски на скопските клиники и во останатите болници и амбуланти. Тие бараат зголемување на надоместот што им се исплаќа, во изнес од 26 илјади денари, на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, здравствено осигурување, како и решавање на статусот што сега им е со договор на дело.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ