вторник, 22 октомври 2024
Ангажирани се хеликоптери и дронови, а претходно беа приведени две лица

Специјалци вечерва го „тресат“ Скопје, се бара третиот осомничен за убиството кај Мавровка (ВИДЕО)

Министерството за внатрешни работи вечерва извести дека во текот на целиот ден се преземаат мерки и активности за расчистување на кривичното дело убиство кое денеска беше извршено на паркинг простор пред ТЦ Мавровка и мерките и активностите продолжуваат и во текот на вечерта.

Објавено на

часот

Сподели

Веднаш по добиената пријава за пукање во близина на ТЦ Мавровка, при што бил застрелан В.Е.(59), кој починал на местото на настанот, полицијата презема низа оперативно тактички мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Скопје за пронаоѓање и лишување од слобода на сторителите.

Од МВР доцна вечерва соопштија дека извршени се претреси и прегледи на повеќе локации и возила, а беа ангажирани и полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции, хеликоптери и дронови.

„Приведени се две лица за кои постојат основи на сомнение дека се сторители на кривично дело убиство казниво по член 123 од КЗ, кои ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка по целосно расчистување и документирање на случајот. Се преземаат мерки за пронаоѓање и на третото осомничено лице односно целосно расчистување на случајот во координација со ОЈО Скопје. Во текот на денот од страна на СВР Скопје по издадени наредби од страна на судија на претходна постапка извршени се претреси на четири локации за кои постојат индиции дека престојувале лицата инволвирани во кривичното дело. При преземањето на мерките и активностите пронајдени се доволен број на материјални докази. СВР Скопје и вечерва спроведува низа на оперативно тактички мерки со цел лишување од слобода на третото осомничено лице. По целосното расчистување на случајот, МВР соодветно ќе ја информира јавноста“, велат од полицијата.

Убиството за кое се бара третиот осомничен се случи денес среде бел ден на паркингот кај ТЦ Мавровка во Скопје.

Пукање имаше и вчера кај Агросервис во скопско Ченто, а повредено беше едно лице.

Премиерот Христијан Мицкоски попладнево во изјава рече дека граѓаните се безбедни и дека секој што сторил криминал ќе биде ставен таму каде што му е местото.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ