сабота, 27 јули 2024

Спасовски тестираше модерно решение за идентификација на експлозивните направи

Објавено на

часот

Сподели

„ВЕКТОР” е двегодишен истражувачки проект што се спроведува во периодот 1 јули 2020 до 30 септември 2022, а кој развива интегрирано решение за идентификување, анализа, класификација и одговор на експлозивни направи со спојување на 3Д фотограметрија, вештачка интелигенција и технологија на зголемена виртуелна реалност.

Главната задача на овој проект е да се осврне на безбедноста на земјите членки и партнери на НАТО преку развивање на технолошко решение за документирање, анализа и идентификување на експлозивни направи, пред сè на неексплодирани експлозивни направи (НУС) и импровизирани експлозивни направи (ИЕН).

Целта е да се подобрат одговорите на единиците за откривање и деминирање на експлозивни средства и направи (ЕОД) преку овозможување на безбеден и далечински пренос на виртуелни докази до експерти и аналитичари надвор од локацијата, за да се обезбеди анализа во реално време и совети за најдобрите методи за постапување во конкретниот случај.

Алатката е изработена во рамките на двегодишниот проект „ВЕКТОР”, спроведуван од конзорциумот предводен од ЦЕНТРИЦ од Обединетото Кралство, во кој се вклучени и Центарот за истражување и технологија на Грција (ЦЕРТХ), Школата за наука и технологија од Сараево (СССТ) и Факултетот за безбедност од Северна Македонија, а во кој крајни корисници се Министерството за внатрешни работи и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заблагодарувајќи се за соработката, во своето воведно обраќање на денешниот настан истакна дека Единиците на безбедносните органи и оние што реагираат при итни случаи се соочуваат со огромни ризици во нивна линиска работа при постапување со експлозивните направи, меѓутоа, со „ВЕКТОР” таа постапка е многу олеснета.

„Сите овие ризици и опасности се реални денес и за големите и развиени земји, што се наши НАТО партнери, но исто така, се голем предизвик и за нас како држава. Токму затоа, МВР преку Бирото за јавна безбедност одлучи да учествува во „ВЕКТОР” проектот и заедно да придонесе кон креирање модерно решение за идентификација на експлозивните направи, со што ќе се овозможи скратување на времето за постапување на безбедносните служби и побрзо и поедноставно да се справат со опасноста и со состојбата“, рече Спасовски.

Професор, д-р Бабак Акгар, директор на проектот, се заблагодари за соработката и истакна дека поддршката на Министерството е од особено значење за реализацијата на проектот.

„Овој проект не значи ништо без корисниците, а вие тоа го овозможивте“, рече тој.

Директор на Дирекција за заштита и спасување, Беким Максути, истакна дека го радува фактот за идно развивање на модерна технологија за неутрализирање на овие експлозивни средства.

„Само во 2020 година имавме пронајдено најголемиот број во историјата на Република Северна Макеоднија, вкупно 12 700 парчиња во Битола, во 2021 – 670 парчиња, што просечно испаѓа по две парчиња неексплодирани убојни средства и направи дневно. Во 2022, досега, пронајдени се 110. Сите овие работи кои што се пронаоѓаат на различни места во државата се пред сè опасност за граѓаните, но и предизвик за заедничката успешна соработка помеѓу институциите“, рече Максути.

Според него, развивањето на ваков вид на алатки ќе значат идентификација и проценка на експлозивните направи и се од витално значење за стратешките интереси и тактичките операции на членките и партнерите на НАТО.

Деканот на Факултетот за безбедност од Скопје, професор д-р Никола Дујовски, истакна дека со ова покажавме не само дека сме подготвени за членство во НАТО, туку дека можеме и да ги носиме процесите и реално да учествуваме во донесувањето на одлуките и во спроведувањето на современите, модерните политики за заштита и безбедност.

Ко-директорот на проектот, професор д-р Марина Малиш Саздовска се заблагодари за соработка и зборуваше за активностите кои биле спроведени при реализација на проектот.

На крајот од обраќањата се одржа презентација на начинот на кој функционира овој софтвер и неговата применливост во работата на МВР и ДЗС.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ