сабота, 27 јули 2024
Прес-конференција за свирепите убиства

Спасовски: Таткото им кажал на убијците кога девојчето ќе излезе од дома, за да изнуди пари од мајката

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција рече дека осомничениот што ја убил Вања, а кого го нарече монструм, ќе биде најстрого казнет. Тој посочи дека таткото на девојчето ги информирал оние што ја грабнале малолетничката кога таа сама ќе излезе од дома, а причината за тоа било да изнудат пари од мајката. 

Објавено на

часот

Сподели

„МВР го расчисти случајот откако вчера се добија информациите, се обезбедуваа доказите и беа пронајдени телата на двете лица. Иако, за жал, разрешницата не нѐ доведе до исходот што го посакувавме, да ги пронајдеме живи, туку и девојчето и лицето од Велес беа пронајдени убиени и закопани девојчето во околината на Скопје, а лицето во околината на Велес“, рече министерот Оливер Спасовски на прес-конференцијата што се одвива.

„Преземените мерки на полициските службеници нѐ доведоа до сторителите, за кои се собрани материјални докази. Осомничени се пет лица, за три притвор, едно е надвор од државата, а таткото е приведен и е извршен распит и ќе се преземаат мерки во согласност со Јавното обвинителство“, рече Спасовски.

Мотивот е користољубие, при што едно од лицата, во договор и сознание на член на семејството го извршувал делото со цел да се добијат пари од мајката.

Машкото лице од Велес нема врска со малолетничката, но поради нерасчистени односи со осомничените, возилото е одземено и потоа опожарено. Со тоа возило е земена малолетничката од живеалиштето, откако таткото споделил информација за денот и времето кога девојчето ќе излезе од дома.

Главниот извршител, кој со пиштол ја убил малолетничката, исплашен од доказите на истрагата, избегал, на овој монструм му ја следиме трагата и ќе биде изведен пред лицето на правдата, рече Спасовски.

Родителите на убиената Вања Ѓорчевска се разведени. Осомничените за овој грозоморен настан, кои Спасовски ги нарече монструми, се познавале со семејството на Вања.

„Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите, во мое име во име на сите кои работеа и во име на сите во МВР. Ова е кривично дело без преседан, доказите нѐ доведоа до сторителите. Осомничени се 5 лица, од кои за 3 е определена мерка притвор, еден е надвор од државата, а таткото е приведен и со него е извршен распит. Мотивот е користољубие, едно од лицата во договор и со знаење на таткото го организирало извршување на кривичното дело со цел да се изнудат пари од мајката за сите да имаат материјална корист“, рече Спасовски.

„За машкото лице од Велес, кое нема никаква врска со девојчето, поради нерасчистени односи со еден од осомничените земено му е возилото. Со тоа возило е земена малолетничката во влезот од зградата каде што живеела, откако претходно таткото споделил информација дека таа ќе излезе сама од дома.“

„Зошто вчера немавме прес? Не е дека бил слободен ден, како што некој забележа. Требаше да се завршат и утврдат сите аспекти, важно е да се мисли и на членовите на семејствата. Затоа оставивме да се завршат активностите, да се изврши и последниот вчерашен распит, и уште неколку претреси… Веќе е познато дека СВР Скопје веднаш по добивањето на пријавите и СВР Велес ги презедоа сите мерки и активности за наоѓање на исчезнатите лица. Извршени беа претреси во домови и други простории во Скопје, Велес  Штип…, одземени беа мобилни телефони, компјутери, возила и други предмети, разговори со семејства со пријатели лица кои би можеле да имаат какви била информација. Стотина полицајци работеа на овие случаи. Станува збор за изолиран случај на организирана група криминалци што сакале да изнудат финансиска корист и кои го познавале семејството. Им се заблагодарувам на медиумите за коректното известување и на сите добронамерни граѓани што сакаа да помогнат во истрагата. Посебна благодарност до скопската и до велешката полиција кои за рекордно брзо време успеаја да расчистат вакво брутално дело и на тимот од обвинителство со кој паралелно работевме на преземањето на низа мерки кои придонесоа да се расчисти случајот. Заедничка заднина на случајот не е меѓуетничка нетрпеливост.“

 

Бубевски рече дека во план била прес-конференција кога ќе се имаат сите информации, но биле принудени вчера да дадат соопштение, а денеска средба со новинарите, затоа што, како што нагласи, по Фејсбук почнала „да се шири хистерија“, која се заканувала да ги запали меѓуетничките односи, што немало никаква поврзаност со делото.

Тој додаде дека ќе се испитуваат и сите ширења дезинформации и лажни вести и дека ќе се гонат согласно со одредбите од законот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ