сабота, 27 јули 2024

Спасовски: Од Турција добивме папиларни линии на Палевски, се чека материјал за ДНК анализа

Од Република Турција побаравме да се достават дактилоскопските податоци, папиларните линии на Љупчо Палевски-Палчо, и тие се доставени и ќе бидат предадени во јавното обвинителство и се очекува наскоро да стигне и материјалот за ДНК анализа, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за ТВ Канал 5.

Објавено на

часот

Сподели

Спасовски рече дека МВР целосно го заврши својот дел од работите во врска со убиствата на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски (74).

„Но и во понатамошниот тек МВР ќе постапува и ќе биде вклучено за сите аспекти, за сите прашања, прибирање на информации, обезбедување на нови докази по барање на јавниот обвинител. Ние поднесовме кривични пријави, таа кривична пријава е на 100-тина страници во кои што се презентирани сите докази кои беа обезбедени до тој момент и се доставени до Јавното обвинителство и, секако, веќе имаме и оценка од јавниот обвинител во однос на прибирањето на доказите, прибирањето на вештачењата итн., дека практично се поклопуваат со тоа што досега е собрано. Важни се две работи: едната работа е што системот многу брзо ефикасно реагираше и дојдовме до разоткривање на случајот. Притоа се откриени сите сторители на ова грозоморно убиство. Второ, важно е што целиот овој процес мора до крај да се разработи, да се заврши и да се утврдат сите аспекти. Ние впрочем, а и јавниот обвинител најави дека е можно да имаме и проширување на истрагата, сѐ со цел да се дојде до конечната вистина во однос на мотивите и сето она што претставува интерес во однос на целиот овој случај. И тоа е најважната работа“, истакна министерот Спасовски.

Љупчо Палевски е во екстрадициски притвор во Турција по основаните сомневања дека е сторител на двојното убиство.

Во однос на шпекулациите околу возилото искажани од страна на некои пратеници од опозициската партија според кои МВР знаело дека возилото е исчезнато уште од 22 ноември, Спасовски со контрааргумент – не може МВР да знае два дена пред воопшто да биде доставена пријава во СВР Велес. А таква пријава била доставена вечерта на 24 ноември. Министерот потенцираше дека сите тврдења во јавноста од страна на луѓе коишто заради политички поени ќе газат и по мртви души се најмалку потребни во овој момент.
„Значи, пријавувањето е на 24-ти, вечерта, и оттука почнуваат потрагите во Велес, а во Скопје започнуваат во моментот кога е пријавен таков настан во Скопје. Не би сакал да навлегуваме во политиканство. Тие теории на заговор се исклучиво за политиканство и за ништо повеќе“, рече министерот Спасовски.
Од аспект на точната траекторија на возилото, министерот Спасовски потенцираше дека доказ и потврда ќе бидат камерите извадени од објекти и од системот „сејф сити“.
„Јас знам дека сензацијата е, исто така, важна во вакви моменти и да – вадење на одредени камери од приватни објекти итн. – сето тоа е во рамките на таа сензација. Меѓутоа, тоа не е потврда и доказ. Доказот и потврдата ќе бидат 70-тината камери коишто се извадени, нивните записи, коишто се вештачат и се доставени и се доставуваат до Јавното обвинителство и над 50 снимки коишто се извадени од ‘Сејф сити’. Сето тоа кога ќе се изанализира, ќе се потврди и ќе се знае во детали секоја поединост во целиот овој случај, сите овие аспекти – времето, траекторијата – ќе се утврдат низ таа легална постапка“, рече министерот Спасовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ