Како што пишува во соопштението, воведен е механизам за строга контрола на сите службени трошоци со цел да се намалат непродуктивните патувања во насока на одговорно трошење и планирање на јавните средства.
„За кусо време, СОЗР стави крај на недомаќинското работење, ги оптимизираше трошоците за набавка на пијалоци и апетисани за потребите на државните органи, ги покачи цените на угостителските услуги во владините објекти, со што минато станаа привилегиите за избраните функционери, а во завршна фаза е и постапката за ставање крај на лошите практики за злоупотреба на службените возила, преку изготвување на посебен регистар и унифицирање на службените возила“, наведуваат од СОЗР.
Според директорот на СОЗР Ивица Томовски, затекнати се запуштени објекти сопственост на државата и се преземаат активности за надминување на состојбите.
„Големо безредие и тотален хаос наследивме со државниот имот од кој 80 отсто имаше нерешени имотно-правни односи, затекнавме запуштени вили сопственост на државата, заборавени репрезентативни објекти. По извршена анализа на состојбите, конкретни чекори презедовме и во таа насока“, вели Томовски.
Како што информира СОЗР, направен е анекс на проектот за реконструкција на Палатата АСНОМ, се преземаат мерки за заживување на комплексот „Македонско село“, а во тек е и реконструкцијата на Клубот на пратеници.
„СОЗР во моментов врши анализи на условите за изградба на втора фаза од Жичницата, од црквата Св.Јован во Капиштец до Средно Водно, како и за доградба на зградите на Факултетот за физичка култура (ФФК) и Факултетот за информатички технологии (ФИНКИ) во рамките на кампусот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, објекти кои шест години се во фаза на карабина“, велат од СОЗР.