сабота, 27 јули 2024

Советот на општина Карпош не го изгласа спорниот ДУП во населбата Козле

Објавено на

часот

Сподели

Жалам што нема да видите снимка од 33-тата седница на Советот на општина Карпош затоа што градоначалникот ги повлече сите служби од седницата. Толку од демократијата и поимањето што е тоа демократија, напиша на фејсбук советникот Роберт Вељановски по денешната седница на Советот на општина Карпош на која не беше изгласан ДУП-от за Градска четврт Ј03, блок 02.

Падна првиот ДУП во општина Карпош. Со 17 гласа против, без ниту еден за и без воздржани денеска Советот на општина Карпош не го изгласа ДУП-от за Градска четврт Ј03, блок 02, општина Карпош Скопје. Жалам што нема да видите снимка од 33-тата седница на Советот на општина Карпош. Градоначалникот ги повлече сите служби од седницата. Толку од демократијата и поимањето што е тоа демократија, напиша на фејсбук советникот Роберт Вељановски.

И покрај ова извори на МКД.мк сведочат дека седницата поминала во тензична и мачна атмосфера.

Пцовки, навреди и удирање од маса на седницата. Незадоволни граѓани влегоа во салата и  сакаа да земат збор. Но откако им беше објаснето дека може да присуствуваат на седницата но не и да зборуваат на говорница незадоволството уште повеќе се зголеми“, сведочи изворот на МКД.мк присутен на седницата.

Граѓаните од скопската населба Козле се против усвојувањето на овој план, кој се однесува на просторот од детското игралиште во Козле до дирекцијата на Реплек, покрај булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. Тие се загрижени дека со изградбата на пет згради и планираната сервисна улица ќе се уништи зелениот појас во наслебата во кој има дрворед, фонтана и игралиште.

А седницата на советот помина така што уште пред да биде утврден дневниот ред градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски ги повлече предложените точки и ги повика граѓаните да дојдат утре во општината каде ќе им бидат одговорени сите прашања. По ова, Јакимовски, заедно со службите ја напушти седницата.

Но и покрај тоа, точките што ги повлече Јакимовски, повторно беа предложени од советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои соопштија дека застануваат зад граѓаните и дека ќе гласаат против ДУП-от кој патем е конечна верзија за градска четврт ЈО3 блок 2, план кој досега трипати беше на јавна анкета пред граѓаните.

Со овој предлог ДУП се предвидуваат три нови згради единаесеткатница, седумкатница и шесткатница.

Се одзема дел од постоечките гаражи кои се приватна сопственост на граѓаните со цел да се удоволи на градежната мафија за да добие фреквентна сервисна улица за да биде во сервис на новите згради.Се уништува зеленило за катна гаража која е предвидена на постоечки паркинг простор, а која е предвидена за да може планот да се нарече развоен“, изјави Адријана Јакимовска Панчевска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски утрово во видео обраќање до граѓаните ги презентираше новините и измените во новиот Детален урабнистички план (ДУП) за Ј03 блок 2 со што, како што рече тој, ги демантира сите написи во медиумите дека со новиот ДУП на оваа локација ќе се градат пет нови згради.

Денеска на седница на Советот на Општина Карпош четврта точка од дневниот ред е гласањето за Деталниот урбанистички план Ј03 блок 02, за кој жителите на општината уште одамна искажале незадоволство.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ