петок, 21 јуни 2024

Советот на ЕУ ѝ одобри 100 милиони евра заем на Македонија

Објавено на

часот

Сподели

За одлуката за исплаќање на макрофинасиската помош да биде конечно усвоена, таа треба да биде одобрена и од Советот на ЕУ, по што ќе стапи во сила откако ќе биде потпишана од претседателите на Европскиот парламент и на Советот и објавена во Службениот весник на Европската Унија. Предлог-одлуката, усвоена од страна на Европската комисија на 6 февруари годинава, претходно беше одобрена и од Европскиот парламент на 13 јуни, а минатата среда и од Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР). 

Во предлогот на Европската комисија се посочува дека економијата на земјава, која ги започна пристапните преговори со Унијата на 19 јули 2022 година, беше значително погодена од рецесија во 2020 година како последица на ковид пандемијата, како и од енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина, што придонесе за зголемување на фискалните потреби. 

„Владата на Северна Македонија покажа силна посветеност за спроведување на понатамошни реформи, фокусирајќи се на клучните области на политиките идентификувани во Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај 2022 година, вклучувајќи ги реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, доброто владеење и владеењето на правото“, се наведува во предлогот.

Еврокомисијата посочува дека земјава успешно ја операционализираше макрофинансиска помош насочена за надминување на последиците од ковид пандемијата, спроведувајќи ги „сите реформски активности договорени со Унијата во Меморандумот за разбирање“.

Дополнително, се наведува во предлогот, лани во април земјата постигна договор со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за 24-месечна програма за ликвидност до 530 милиони евра, што беше официјално одобрена од Извршниот одбор од ММФ на 22 ноември 2022 година, за ублажување на последиците од надворешните влијанија, за поддршка на фискалната консолидација и забрзување на структурните реформи во повеќе области, вклучително и во даночната политика и јавните инвестиции.

„Со оглед на влошената економска ситуација и изгледите, Северна Македонија првпат побара макрофинансиска помош од Унијата за дополнување на програмата на ММФ во април 2022 година. Сепак, Комисијата го стави тоа барање во мирување, бидејќи економијата на земјата во тоа време се уште се покажуваше доста отпорна и имаше некои други опции за финансирање. Владата на Северна Македонија го обнови своето барање за макрофинансиска помош во октомври 2022 година“, се додава во предлогот.

Имајќи предвид дека земјава е кандидат за членство и ги започна пристапните преговори, ЕК смета дека таа има право да добие макрофинансиска помош од Унијата како „исклучителен финансиски инструмент за поддршка на платниот биланс, кој има за цел да одговори на непосредните потреби за надворешно финансирање“ и за спроведувањето на мерките за итно прилагодување и структурни реформи за подобрување позицијата на платниот биланс на краток рок.

„Во сегашните исклучителни околности макрофинансиската помош на Унијата за Северна Македонија ќе биде соодветен одговор на барањето на земјата за поддршка за стабилизирање на нејзината економија. Макрофинансиската помош на Унијата ќе ја поддржи економската стабилизација и агендата за структурни реформи на Северна Македонија, дополнувајќи ги ресурсите ставени на располагање според финансискиот аранжман на ММФ. Макрофинансиската помош на Унијата треба да има за цел да го поддржи обновувањето на одржливата ситуација со надворешното финансирање на Северна Македонија, а со тоа и да го поддржи нејзиниот економски и социјален развој“, заклучува Комисијата.

Во предлогот натаму се посочува дека утврдувањето на износот на макрофинансиската помош на Унијата за земјава треба да се заснова на квантитативна проценка на преостанатите потреби за надворешно финансирање и да го земе предвид капацитетот на земјата да се финансира со сопствени ресурси, особено со девизните резерви со кои располага. 

„При определувањето на износот на помошта треба да се земат предвид и очекуваните финансиски придонеси од мултилатералните донатори и потребата да се обезбеди правична поделба на товарот помеѓу Унијата и другите донатори, како и претходното распоредување на другите надворешни финансиски инструменти на ЕУ и додадената вредност на целокупното вклучување на Унијата во Северна Македонија“, се додава во документот.

Според ЕК, оваа макрофинансиска помош треба да ја поддржи надворешната политика на Унијата кон Северна Македонија и посветеноста на земјата на заедничките вредности со ЕУ, вклучително почитување на демократијата, владеењето на правото, доброто владеење, почитувањето на човековите права, одржливиот развој и намалувањето на сиромаштијата, како и посветеност на принципите на отворена и заснована на правила и фер трговија. 

„Предуслов за доделување на макрофинансиската помош на Унијата треба да биде Северна Македонија да ги почитува ефективните демократски механизми, вклучително и повеќепартиски парламентарен систем и владеење на правото и да гарантира почитување на човековите права. Дополнително, специфичните цели на макрофинансиската помош на Унијата треба да ја зајакнат ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на системите за управување со јавните финансии, како и на управувањето и надзорот на финансискиот сектор и треба да промовираат структурни реформи кои имаат за цел да поддржат одржлив и инклузивен раст, создавање работни места и фискална консолидација. Комисијата треба редовно да го следи исполнувањето на тие предуслови од страна на Северна Македонија и постигнувањето на тие цели“, се потенцира во Предлогот.

Комисијата посочува дека со цел да се осигура дека финансиските интереси на Унијата поврзани со нејзината макрофинансиска помош се ефикасно заштитени, Македонија треба да преземе соодветни мерки во врска со спречување и борба против измамите, корупцијата и какви било други неправилности поврзани со таа помош. 

„Дополнително, треба да се предвиди Комисијата да врши проверки, Судот на ревизори да врши ревизии и Европското јавно обвинителство да ги врши своите надлежности во однос на обезбедувањето на макрофинансиската помош на Унијата за Северна Македонија“, се додава во предлог-одлуката.

Со ваквата одлука како што наведе Европската комисија, таа застанува покрај Македонија во овие предизвикувачки времиња, бидејќи по руската агресивна војна против Украина, надворешниот биланс на земјата се влоши поради нејзината голема зависност од увоз на гориво и електрична енергија. 

Според ЕК, предложената помош ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи. 

Предвидено е помошта да биде исплатена во форма на заеми во две транши, но нивната исплата ќе зависи од реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата, како и од спроведувањето на програмата на ММФ. 

„Овие реформи ќе ја поддржат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ“, се додава во предлогот на Еврокомисијата.

Макрофинансиската помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ за поддршка на земјите кандидати за членство и партнерите од соседството, предвидена како исклучителен инструмент за одговор на кризи при сериозни проблеми со платниот биланс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ