Тој ја опиша својата работа како на „пожарникар“. Секојдневно се среќава со претседателот Зеленски, кој го упатува на решавање различни кризни прашања – од здравство и инфраструктура до енергија и производство на муниција.
Со толку широк поглед на клучните сектори, Камишин нуди визија за Украина по примирјето: земја која би можела да стане клучен дел од Европа со народ кој е издржлив, технолошки напреден, вешт во развојот на дронови и одржување на железницата.
„Украина 2.0 носи лекции за одбранбената индустрија, здравството, службите за итни случаи и железничкиот систем“, вели Камишин. „Тоа не е сликата по која сакавме да бидеме познати, но научивме вредни лекции. Подготвени сме да го споделиме ова знаење со светот“.
40-годишниот Камишин стана препознатливо лице за време на војната. Роден и израснат во Киев, тој ја започна својата кариера во приватниот сектор работејќи во КПМГ и како инвестициски менаџер, пред да биде назначен за вршител на должноста директор на Украинските железници во 2021 година.
По почетокот на инвазијата во 2022 година, Украински железници „Укрзализница“ го доби прекарот „Железна железница“, станувајќи извор на национална гордост и клучен елемент на логистиката. На безбедно превезувала бегалци и ранети, додека во спротивна насока испраќала помош и опрема на фронтот. Во најкритичните моменти превезувала по 190.000 луѓе дневно, бесплатно, со воено организирана структура.
Во февруари 2023 година, Камишин беше унапреден на позицијата министер за стратешки индустрии со клучна задача да го зголеми домашното производство на муниција. Под негово водство Украина значително го зголеми производството на оружје и разви сопствен ракетен систем со долг дострел Паљаница, кој сега е во масовно производство.
„Тоа е вистински украински производ“, вели Камишин. „Еден ден ќе им треба во Австралија, Велика Британија и Јапонија. Затоа што, верувајте ми, Кина ќе тргне на Тајван, а Северна Кореја на Јужна Кореја. Наивно мислев дека Русите ќе се откажат. Сега знаеме подобро“.
На вечерата се собраа луѓе со слично убедување – енергични и иновативни, подготвени да ѝ помогнат на Европа да ги реши своите проблеми. Меѓу нив беше и Олександар Пертовски, новиот шеф на Украинските железници, кој, како и Камишин, доаѓа од приватниот сектор, каде што работел за ДХЛ во Сингапур. „Кога ќе ја завршиме војната, ќе ви ги решиме проблемите со снегот на пругата и лисјата на шините“, се пошегува тој.
Највпечатлива фигура на вечерта беше Серхиј Волински, 32-годишен војник и воен херој, чиј пиштол вметнат во појасот е единствениот знак на неговата професија. За време на опсадата на Мариупол во 2022 година, тој предводел 500 војници од челичарницата Илич кон Азовстал, каде што дадоа очајнички отпор пред да се предадат. По четири месеци во заробеништво, тој беше разменет и прогласен за Херој на Украина, што е највисока државна награда.
„Во Велика Британија немаат никој што би му бил рамен“, вели Камишин. „Тој е воен талент кој може да тренира војници ширум светот“.
„Сите очекуваат дека САД ќе ни ја намалат поддршката“, вели Камишин. „Но, Трамп сака договори. Мојот претседател исто така сака договори. Ќе најдат заеднички јазик“.