петок, 28 февруари 2025

Совет за соработка на високо ниво, продлабочување на односите меѓу Турција и Македонија

Целта на за денеска најавеното потпишување на заедничка политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво меѓу Владата на Република Турција и Владата на Република Македонија е продлабочување на билатералните односи во повеќе сфери, со особен акцент на економската соработка, инвестициите и трговската размена.

 

 

Објавено на

часот

Сподели

Иницијативата за оваа заедничка политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво е предложена од Турција уште лани во октомври. Турција има дводецениско искуство во операционализација на односите со стратегиските партнери. Моделот што го има развиено турската надворешна политика се нарекува Совет за стратегиска соработка на високо ниво (HLSCC) или Совет за соработка на високо ниво (HLCC). Овие механизми се всушност идентични и се дизајнирани да ги консолидираат и унапредат вкупните билатерални односи на Турција со одбраните земји партнери, со особен акцент на трговската и инвестициската соработка.
Во случајот со Македонија, имајќи ги предвид односите меѓу двете земји  и евалуацијата на нивната динамика, а во функција на консолидација и натамошен подинамичен развој на односите и соработката, како и во функција на олеснето и ефикасно следење и координација на богатата и разновидна соработка во различни сфери, неопходна е соодветна операционализација на стратегиското партнерство низ институционализирана структура и поцврста рамка на билатералната соработка, брифираат дипломатски извори од МНР.
Основа на ова е веќе потпишаниот документ од 11 ноември 2008 година – „Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Турција“.
Вообичаено Советите се состануваат еднаш на две години. Со нив претседаваат клучните носители на извршната власт, во случајов премиерот Христијан Мицкоски и претседателот Таип Ердоган. Клучната координативна улога ја имаат министерствата за надворешни работи, а седниците на Советот претставуваат всушност заедничка седница на двете влади.
Досега Турција има воспоставено вакви совети со речиси 30 земји партнери, од повеќе континенти, со најголем фокус на земјите од своето непосредно и пошироко окружување. Од нашите соседи тоа се Албанија, Србија, Бугарија, Грција…
Претседателот на Владата на Македонија, Христијан Мицкоски денеска патува во посета на Република Турција, а за 16 часот предвидено е потпишувањето на заедничка политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво меѓу двете влади.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ