сабота, 27 јули 2024

Состојбата со вирусите не е загрижувачка, уверува доктор Петличковски

Комисијата за заразни болести најверојатно ќе заседава следната недела, но, нема ништо алармантно во однос на магарешката кашлица, ковид и грип, изјави претседателот на Комисијата, Александар Петличковски.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„Станува збор за редовен состанок и пресек на ситуацијата и ќе се види дали евентуално треба да се донесат некакви нови мерки“, вели Петличковски за МИА.

Во однос на големата кашлица попозната во јавноста како магарешка кашлица најмногу заболуваат бебиња до една година и деца и млади од 10 до 20 години, но не е исклучено да заболат и возрасни.

„Според Светската здравствена организација (СЗО), на четири до пет години, се случуваат пикови на зачестеност на појава на магарешка кашлица и кај повозрасни“, информира Петличковски.

Од двата случаја регистрирани во земјава, една била 29-годишна девојка, странски државјанин, веројатно со потекло одовде, која била разболена и дијагностицирана во странство, а по доаѓањето во земјава, го започнала третманот, а превентивно е започнато и со терапија на нејзините блиски. Другиот случај бил невакцинирано дете, што сега е на лекување во Детската клиника Козле.

„Состојбата не е загрижувачка. Ова не е ништо вонредно или драматично. Низ годините наназад, сме имале од нула до четириесетина случаи во последните пет години. Лани сме имале три случаи. Во годините наназад сме немале епидемија“, нагласува Петличковски, посочувајќи дека во регионот имало многу повеќе случаи.

Според Петличковски, вакцинацијата е најбезбедната, најсигурната и најефикасната заштита од магарешка кашлица и од сите други болести за кои постојат вакцини.

Во однос на сезонскиот грип, Петличковски рече дека бројот на заболени е релативно зголемен во споредба со минатата година.

„Но, ова се очекувани бројки. Не е ништо страшно и не е нешто неочекувано. Типичен старт на сезоната на грипот. При крајот на февруари се очекува пик, максимум од честотата на грип и слични болести“, истакнува Петличковски за МИА.

Нагласува дека „специјална загриженост не треба да има кај луѓето кога е во прашање и ковид – 19. Единаесет проценти од направените тестови биле позитивни на вирусот во последната недела. Тоа, додава Петличковски, не е голем процент. Препораките се дека треба да внимаваат постарите, како и оние со хронични болести и да се вакцинираат против грип и ковид.

„Како Комисија, на последните два состаноци донесовме предлог-препорака до Министерството за здравство за воведување на препорака за носење заштитни маски во здравствени установи и аптеки. За да има тежина, таа препорака и да биде задолжителна, треба да помине низ Главниот кризен штаб на Владата. Оттука не сме добиле повратно. Значи, Комисијата препорачува, во согласност со препораките во светот“, појаснува Петличковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ