сабота, 27 јули 2024
Трибина за урбаното чување миленици

Состојбата со бездомни кучиња е влошена, нема системско решение, а вина имаат и неодговорните сопственици

Објавено на

часот

Сподели

„Дефинитивно проблемот со кучињата скитници е кај луѓето. Не се самите животни проблем и тие не по своја вина се нашле како бездомни кучиња кои бараат и се борат за свој опстанок. Проблемот е во неодговорните сопственици кои не обрнуваат внимание на домашните миленици кои ги имаат тука и доаѓа до неконтролирано размножување на тие кучиња, оставање на малите кучиња и за жал тој проблем го имаме скоро во сите општини“, вели меѓународниот кинолошки судија, д-р Панче Дамески.

На денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ на тема „Законска регулација на урбаното чување на миленици Дамески нагласи дека се потребни законски измени во оваа област.

„Се спомна Скопје ,но јас можам да посведочам дека и во Прилеп во целата општина имаме неколку стотици кучиња кои се бездомни и кои се реална опасност и голем проблем за самата општина. Дефинитивно нешто треба да се измени во делот на законската регулатива, не дека не е добра, имаме ние многу добра законска регулатива. Имаме закон за благосостојба на животните каде што се имплементирани најголем дел од европските регулативи за тоа како треба да се однесуваме ние со овој проблем, меѓутоа за жал не се почитува, а дефинитивно немаме ниту можност за почитување на ова законско решение. Мораме да направиме некои измени кои што ќе бидат поблиски и ќе содејствуваат за актуелната ситуација која што ја имаме денеска во Македонија“, истакна Дамески.

Тој исто така додаде дека ЈП Лајка е позитивен пример, но нејзиниот капацитет не е доволен за град како Скопје каде бројот на кучињата скитници е неколку илјади.

„Сум имал прилика да го посетам јавното претпријатие и да ги видам просториите и можам да кажам дека според мене е позитивен пример, меѓутоа дефинитивно капацитетот на ова прифатилиште е премал за град како Скопје каде што сигурно бројот на бездомни кучиња е во неколку илјади и не може да одговори на потребите на градот со толку мал капацитет и просторен и со екипираност со стручни лица и на крајот на краиштата и финансиски. Дефинитивно и финансиите се дел од целиот овој проблем. Од друга страна пак ако видиме колку годишно сите овие јавни претпријатија плаќаат оштети, тие средства ако ги намениме за згрижување на бездомните кучиња мислам дека многу ќе се намали овој проблем“, заклучи Дамески.

Стефан Кирков, кинолог, активист и сопственик на одгледувачница за француски булдог вели дека во државата владее една хаотична ситуација со бездомните кучиња и поради тоа граѓаните не се чувствуваат безбедни во своите места каде што живеат, додавајќи дека мора да се изнајде системско и трајно решение за овој децениски проблем.  

„Бездомните кучиња се собираат во глутници и буквално не постои законска регулација со која би се решил оној децениски проблем кој го имаме со бездомните кучиња општо на целата територија на Македонија“, истакна тој.

Снежана Билко, самостоен активист за права на бездомните кучиња зборуваше за ситуацијата со уличните, бездомните кучиња во Скопје.

„Ситуација е алармантна, многу е трагична во Скопје. Во Скопје има безброј улични кучиња, во секоја населба. Неодамна се преселив во нова населба и можам да направам споредба со старата каде што живеев, и ситуацијата е иста многу има бездомни животни. Постои јавно претпијатие Лајка, гледам, следам што се случува, дали нешто се решава, но гледам дека нема никакво одење напред, гледам дека нема решение и гледам дека само се множат, така што цело Скопје ни е преплавено со бездомни кучиња. Јас истото мислење го имам за сите градови низ Македонија, но еве за Скопје ќе се задржам, преплавено ни е Скопје од бездомни кучиња“, рече таа.

Билко во врска со проблемот со бездомните кучиња предложи решение секоја општина да има прифатилишта за кучиња и општината да има буџет за таква намена.

                                                                                                                                             Фото: П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ